„Галичка свадба“
Горан и Вања нови галички младенци
Традиционално, и ова лето главна манифестација во Галичник ќе биде славната „Галичка свадба“. Оваа година идеално се совпадна терминот на одржување на манифестацијата со најславниот и најрадосен празник за галичани - Петровден. „Галичка свадба“ своето 46. издание како туристичка манифестација ќе го доживее во викендот на 11 и 12 јули.
Манифестацијата започнува на 11 јули со китење, редење на бајракот и фрлање пушка..., па продолжуваат многубројните обичаи карактеристични за Мијачијата, за утрото на 12 јули да започне и големата галичка свадба, на која својата љубов ќе ја крунисаат овогодинешните младенци, избрани како по обичај на конкурс, Горан Гавриловски и Вања Ристовска.
Младенците се подготвени за големиот животен предизвик, обичаите ги научиле и сега само го очекуваат големиот ден.
Покрај традиционалната свадба, присутните ќе имаат можност да присуствуваат и на други културни настани, изложба на фотографии, концерт, книжевна колонија и промоција на книгата „Света Петка - заштитничка на Галичник“. Овој празник порано го означувал враќањето на печалбарите и денот на прочуените големи свадбени прослави. Денес овој празник го означува враќањето на раселените галичани низ целиот свет. Покрај многубројните домашни гости, секоја година се' поголем е бројот на странски гости, кои имаат голем интерес да присуствуваат на „Галичка свадба“. (Јо.П.) |