Нови термини за пасоши преку интернет
Нема веќе пребукирани телефонски линии, нервози и зафатена линија на Кол-центарот на МВР за закажување термини за вадење нови документи. Полицијата воведе новина, со која од денеска со само еден клик на интернет, граѓаните ќе можат да аплицираат за нова лична карта, пасош или возачка дозвола, и на истиот начин ќе можат да проверат дали нивниот документ е изготвен и кога ќе може да го подигнат.
Се' што треба да направат граѓанит�� е да ја посетат интернет-страницата на МВР (www.mvr.gov.mk) и со притискање на полето означено како „Контакт-центар“ да одберат една од трите опции што им се нудат.
„Граѓаните може да закажат термин за вадење личен документ, да побараат проверка на закажаниот термин и да проверат дали нивниот личен документ е изработен и кога може да го подигнат. Предвидено е секој граѓанин да добие одговор на своето барање во рок од 48 часа“, велат во МВР.
Втора новина на сајтот е поставувањето мапа на земјава, на која се одбележени териториите што ги опфаќаат осумте сектори за внатрешни работи. Со притискање на полето на некој од секторите, граѓаните добиваат телефонски контакт оттаму, а доколку притиснат на полето на кое ќе се појави секторот, добиваат телефонски контакти од сите полициски станици, дежурни одделенија и надлежни инспектори за превенција.
Трета новина е објавувањето на десетгодишни анализи и статистики околу состојбите со јавниот ред и мир, движењето на криминалитетот, сообраќајот и граничното управување. Можноста за анонимно пријавување на несоодветно постапување на полициските службеници и услугите што и досега им се нудеа на граѓаните од областа на управните работи остануваат и во новата надградена верзија на интернет-страницата. (Д.Т.) |