Средба со Нимиц на 9 февруари
Неофицијално, медијаторот ќе ги притиснел Скопје и Атина до јуни да се реши долгогодишниот спор
Посредникот на ОН во грчко-македонскиот спор за името, Метју Нимиц, закажал состанок со преговарачите на двете земји, Адамантиос Василакис и Зоран Јолевски, на 9 февруари во Њујорк.
Македонскиот преговарач и амбасадор во САД, Зоран Јолевски, за Гласот на Америка изјави дека Македонија е подготвена да влезе во нова рунда разговори за да се најде заемно прифатливо решение за името.
„Република Македонија е подготвена во кое било време, во кој било формат, на кое било место да се сретне со медијаторот Метју Нимиц и со мојот колега Василакис за да можеме да размениме мислења за тоа како може да го решиме отвореното прашање со нашиот јужен сосед. Македонија е искрено подготвена да влезе во овие разговори, со цел да се најде заемно прифатливо решение што ќе ги заштити идентитетот и дигнитетот на македонскиот народ“, изјави Јолевски во интервјуто.
Детали за состанокот, како што се наведува во соопштението од Канцеларијата на портпаролот на ОН, ќе бидат соопштени во периодот што следува пред одржувањето на средбата.
Претходно, грчки и македонски медиуми шпекулираа со 27 јануари како можен датум за средбата што доаѓа речиси една година по последните разговори на Метју Нимиц со Јолевски и со Василакис.
Како што пренесоа вчера дел и од македонските медиуми, датумот на средбата бил поместен за неколку дена по барање од Грција. Медијаторот очекувал да слушне каков е напредокот од заедничките средби на Груевски и Папандреу. Неофицијално, Нимиц ќе ги притиснел Скопје и Атина да ги забрзаат разговорите за да се реши долгогодишниот спор со името до јуни.
Но, грчки медиуми, повикувајќи се на владини извори, објавија дека ова ќе бил само „неформален состанок“. Атинскиот „Катимерини“ оцени дека Грција не очекува ништо револуционерно од оваа средба, бидејќи во изминатиот период не е забележан некаков напредок ниту, пак, промени во позициите на двете страни. Од грчкото МНР постојано повторуваат дека нема никаква промена на македонските ставови за да се дојде до компромис, дека се разочарани од негативните изјави од македонска страна што, според нив, никако не им помагаат на преговорите.
„Средбата ќе биде само повторување на позициите на двете страни и, доколку навистина биде така, таа ќе има само цел да покаже дека уште е жив преговарачкиот процес во рамките на ОН. Се чини дека, освен расположението на двете страни да се договорат за име со географска одредница, се' уште постојат големи разлики на тема употреба на името“, напиша „Катимерини“.
Грчката страна инсистира дека решавањето на името е предуслов за членството на Македонија во НАТО и во ЕУ и останува на позицијата за име со географска определба за општа употреба.
Експертски кругови во Скопје, како што пренесе „Утрински весник“ неделава, исто така, оценија дека најавената средба на Нимиц со Јолевски и со Василакис е „средба без суштина, што не може да ги одблокира разговорите околу името“. За Стево Пендаровски, поранешен советник за надворешна политика и безбедност во Кабинетот на експретседателот Бранко Црвенковски, „средбата кај Нимиц е само форма без содржина, бидејќи и двете страни нема да имаат предлог“.
За Денко Малески „меѓународниот притисок врз македонската Влада е силен и средбата во Њујорк е ублажување на притисокот, желба, но повеќе тоа е игра што не може да даде резултат во година на предизборие“.
Ристо Никовски, поранешен амбасадор и советник во Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, пред три дена во изјавата за „Утрински“, оцени дека средбата кај Нимиц не може да направи нов продор во разговорите. Тој го објаснува тоа со фактот дека целиот проблем сега е во надлежност на Вашингтон и на Брисел, така што Нимиц не е центар за решавање на проблемот. (Н.Р.) |