Поглед
Тигри од хартија
Оливера Војновска
Лустраторите деновиве уредно, преку јавен повик, ги повикаа гувернерот Петар Гошев и неговите заменици, потоа академиците и македонските дипломати да дадат изјави дека не соработувале со тајната полиција. Таква е процедурата. На идентичен начин во изминативе 15 месеци, откако стартуваше лустрацијата, беа повикани сите јавни функционери. И тоа почнувајќи од највисокото државно раководство - претседателот, спикерот, премиерот, потоа пратениците, министрите, градоначалниците, советниците, судиите, народниот правобранител до директорите на јавните претпријатија.
Лустраторскиот филтер го минаа над 3. 000 функционери. Но, лустраторите не пронајдоа ниту еден кодош меѓу припадниците на македонската политичка елита. Единствено го вперија прстот во уставниот судија Трендафил Ивановски. Само за поранешниот претседател на Уставен суд открија дека имал проблематично минато во времето на поранешниот систем.
Значи, можеме да бидеме спокојни. Сите други функционери во државата ни се чисти. Кај нас не се кодошело. Ние сме единствениот, куриозитетен пример во Европа. Затоа и лустрацијата стана предмет на потсмев.
Во изминативе неколку месеци беше направена вистинска сензација со досиејата за врвот на ДУИ. Промоцијата ја имаа пред лустраторската Комисија, а лустраторите станаа мегапопуларни личности во државата. Дури откако јавноста се измори од исчекување, нашите „тигри од хартија“ ( како што ги опиша еден аналитичар), обелоденија дека во пленот немало месо. Кодошките материјали не биле оригинал.
Колку ли само било лесно да им се фрлат безвредни фалсификати, фабрикати, плагијати... Изгледа најтешко е да се најде двор! |