Број 3047  вторник, 28 јули 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Писма

Срамежливо отворање кон неврзаните

М-р Коста Стоименовски, Скопје

Во својство на гостин на Самитот на неврзаните земји (НЗ) во Египет, Република Македонија требаше да биде застапена на ниво на министер за надворешни работи! Движењето на неврзаните земји (ДНЗ), по завршувањето на Студената војна, западна во своевидна агонија. По распаѓањето на Варшавскиот договор, политиката на еквидистанца како да го изгуби мотивот за опстојување и дејствување! Суверената доминација на САД на светската политичка сцена дополнително придонесе за пасивизирање на ДНЗ.

Завршувањето на Студената војна не само што не придонесе за подобрување на меѓународната положба на НЗ, туку со натурањето на неолиберализмот како безалтернативен модел, дополнително се влошија, како меѓународната позиција, така и внатрешните економски и социјални состојби во спомнатите земји! Најголеми и најтешки последици од актуелната светска финансиска и економска криза, несомнено, ќе имаат токму НЗ!

Општопознат е влогот на поранешна СФРЈ и особено на Тито во создавањето и во дејствувањето на ДНЗ. Република Македонија, како една од наследничките на поранешна СФРЈ, без оглед на определбата за зачленување во ЕУ и во НАТО, не би требало да се откажува од погодностите и од привилегиите што може да ги понуди ова движење! Следејќи го примерот на останатите држави кои настанаа по распаѓањето на СФРЈ, Република Македонија во ДНЗ може да учествува со статус на набљудувач или гостин, што не може да ги загрози нејзините амбиции и желби за зачленување во ЕУ и во НАТО! Напротив, верувам дека ваквиот гест може да придонесе за промена на досегашното арогантно однесување на Европа (ЕУ) кон Македонија. Уште од моментот на осамостојување на Македонија, Европа кон нашата земја постојано се однесува во согласност со приказната за волкот и јагнето!

Впечаток е дека одлуката на ЕУ за визна либерализација за граѓаните на Србија, Македонија и на Црна Гора е темпирана и форсирана поради се' понагласената определба на Србија за реактивирање во ДНЗ! На Самитот на НЗ во Египет, Србија учествува на највисоко ниво (претседателот Тадиќ и министерот за надворешни работи Јеремиќ), а покажува нагласен интерес наредниот самит на НЗ да се одржи во Белград во 2011 година, односно на педесетгодишнината од првиот са��ит на НЗ, што се одржа во 1961 година во Белград!

Прагматичното однесување на Словенија, Хрватска и на Србија кон ДНЗ покажа како и колку значаен може да биде влогот, односно „капиталот“ на поранешна СФРЈ и на Тито во спомнатото движење. Користејќи ги познанствата и врските со претставниците токму со НЗ, Словенија, пред 12-13 години, катастрофално ја порази нашата земја во „натпреварот“ за непостојана членка во Советот за безбедност. Благодарение на истото „сценарио“ Хрватска, минатата година, ја порази Чешка Република и стана непостојана членка на Советот за безбедност. Посебна заслуга за оваа победа на Хрватска му припаѓа на корифејот на дипломатијата на поранешна СФРЈ, Будимир Лончар, кој беше единствен југословенски дипломат што учествуваше на сите самити на НЗ до распаѓањето на југословенската федерација! Со гласањето во ООН, поточно со поддршката на НЗ, Србија, пак, успеа да ја реафирмира улогата на меѓународното право. Во согласност со решението на ООН, Меѓународниот суд во Хаг треба да донесе одлука во врска со прогласувањето на Косово за независна држава.

Имајќи ги предвид наведените факти, Македонија требаше да учествува на Самитот на неврзаните земји во Египет, како гостин, на ниво на министер за надворешни работи! Досегашното искуство покажува дека Република Македонија во поглед на ирационалната политика на Грција за оспорување на името на нашата држава, би можела да најде на силна поддршка токму од НЗ. Всушност, овие земји и досега покажуваа големо разбирање за ставовите и за политиката на нашата држава во врска со ова прашање! Тоа најдобро го потврдува фактот дека најголем дел од неврзаните земји го признаваат уставното име на нашата држава!

Современа Европа, поточно Европската унија боледува од недостаток на големи државници со визија за обединета Европа! Европа со великани, како што беа Шарл де Гол, Вили Брант, Бруно Крајски, Улоф Палме, во никој случај немаше да дозволи т.н. Западен Балкан да се најде во таква изолација, која може да се окарактеризира дури и како „карантин“, а која значително придонесе за трагичните настани што се случија во овој регион во минатата деценија! Европа не можат да ја обединат такви „државници“, кои настојуваат да градат „голема политика“ врз основа на сентиментални чувства поврзани за местото на раѓањето на нивниот, поточно неговиот дедо!


#
Статијата е прочитана 561 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Писма
Општина за пример