Иванов и Папандреу го враќаат Нимиц
Двајцата лидери се согласиле да остават се' во рацете на Нимиц и да почекаат тој да пресече со предлог кога ќе му се чини дека двете страни се подготвени за тоа
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Помина една куртоазна средба меѓу македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов и грчкиот премиер Јоргос Папандреу. Средбата исилена по острото индиректно префрлање на вината за застојот на преговорите околу името меѓу двете страни, помина како што оч��куваа сите - без да биде споменато нешто ново.
На средбата во четвртокот во ОН, која траеше дваесетина минути, македонскиот претседател споменал дека е потребно поактивно да се работи за подобрување и зацврстување на довербата меѓу двете држави. Иванов реагирал на жестоката грчка реторика за спорот околу името и за грчките црвени линии, кои деновиве постојано ги споменуваше шефот на грчката дипломатија, Друцас. Македонскиот претседател обрнал внимание на фактот дека менувањето на Уставот, до кое би можело да дојде доколку се прифати решение во согласност со грчките барања, е чувствителна тема и политичките лидери би требало да бидат повнимателни при нивните изјави, особено во критично време за преговорите. За потсетување, на прес-конференцијата пред средбата и по неа со медијаторот Метју Нимиц, министерот Друцас нагласи дека грчкиот став останува име со географска одредница за севкупна употреба (ерга омнес) и по цена на промена на македонскиот Устав. Друцас го критикуваше отсуството на премиерот Никола Груевски, кое го оцени како начин да се демонстрира отсуство на политичка волја од македонска страна за побрзо решавање на спорот, што беше причина македонската страна да побара средба Иванов - Папандреу.
Во суштина, средбата не заврши со суштински заклучок. Според информациите во медиумите по средбата, двајцата лидери се согласиле се' да остават во рацете на Нимиц и да почекаат тој да пресече со предлог кога ќе му се чини дека двете страни се подготвени за тоа. При средбата Папандреу останал на ставот дека доколку македонската страна демонстрира конструктивен дух и политичка волја, би можело да се најде решение. Грчкиот премиер нагласил дека не треба да се ограничува решавањето на името поради локалните избори, за кои медиумите шпекулираа дека грчката страна чека да поминат за да не биде нарушен дополнително рејтингот на ПАСОК. Името, според Папандреу, може да биде решено и пред и по нив, а желбата на грчката страна за решение и за почнување преговори за прием во ЕУ за Македонија е видлива и од грчката „Агенда 2014“ за влез на сите држави од Западен Балкан во Унијата.
Според „Катимерини“, прашан дали поради ставовите на македонската страна за решавање на името, при средбите во Њујорк и во Вашингтон било индицирано дека може да има притисоци врз Скопје, Папандреу одговорил дека САД има позитивен пристап за проблемите на грчката надворешна политика, но дека САД имаат свои приоритети и проблеми што треба да се решат.
Покрај пренесувањето на случувањата во Њујорк, грчките медиуми овие денови се фокусирани на тајната дипломатија, која, според нив, ја води Алекс Рондос, соработник на Папандреу, за кој веќе поодамна велат дека е и кумот за новото име во преговорите. |