Селмани и Џафери за малку ќе се фатеа за гуша
За влакно беше избегнат нов собраниски инцидент. Интервенираше и обезбедувањето
Оливера Војновска
Додека се чека Анкетната комисија да го расветли јулскиот собраниски инцидент, завчера во доцните попладневи часови во парламентот се случи нов инцидент. Изгласувањето на новото законско решение за пописот кулминираше со вербална расправија меѓу пратениците од Нова демократија и ДУИ, Имер Селмани и Талат Џафери. Интервенираше и собраниското обезбедување, но, за среќа, страстите се смирија и беше избегнат поголем скандал.
Вчера двете партии ја префрлуваа вината од едни на други и провокаторот го посочуваа во спротивниот двор. Според Нова демократија, инцидентот го испровоцирал пратеникот Талат Џафери, кој „цинично им дофрлувал вулгарни и навредливи зборови на пратениците на Нова демократија“, кои веќе биле станати за да ја напуштат собраниската сала.
Од ДУИ, пак, како виновник за кавгата го посочуваат токму Селмани. Наводно, лидерот на Нова демократија дрско му се обратил на Џефери, ги нарекол интегративците „слуги на каурите“ и му рекол да излезат и да се пресметаат надвор од Собранието.
И во Нова демократија и во ДУИ велат дека луѓето од обезбедувањето се стрчале во горниот дел од салата, но немало потреба да ги разделуваат пратениците, бидејќи кај нив „надвладеал разумот“.
Селмани вчера го нарече ДУИ „сервис и сервилни кон ВМРО-ДПМНЕ, нивни телохранители, кои го испровицирале инцидентот“.
„Од страна на еден пратеник имаше провокации што ги надминаа сите граници на цивилизирано однесување. Намерата беше да се случи инцидент што ќе го засени дискриминаторскиот Закон за правата на Албанците“, смета Селмани. Нагласува дека Законот за попис е шверцуван, а со цел да помине незабележано, во јавноста намерно било темпирано да биде донесен во доцните попладневни часови.
Според координаторот на пратеничката група на ДУИ, Тахир Хани, инцидентот не бил од големи размери. „Еден вербален инцидент испровоциран од Нова демократија со цел да го дефокусира вниманието на јавноста од очигледната одговорност на ексминистерот за здравство Селмани за трагичниот настан во болницата во Тетово. Пратениците од Нова демократија цело време провоцираа и дофрлуваа со цел да се создаде тензична ситуација во парламентот“, вели Хани.
За обвинувањата од Нова демократија дека инцидентот го испровоцирал Џафери, Хани го повика Селмани „јавно да каже кому му се обратил со зборовите: „да излеземе и да се пресметаме физички надвор од парламентот“!
Инаку, годинава ова е втор инцидент во Собранието. Пред четири месеци неизгласувањето на законот за стечајците резултираше со инцидент во парламентот меѓу опозицијата и собраниското обезбедување. Се формираше и Анкетна комисија, која уште пред два месеца требаше да достави извештај до Собранието, но тоа не се случи. Деновиве треба да бидат анкетирани потпретседателите на Собранието, Јани Макрадули и Светлана Јакимовска, како и шефот на обезбедувањето на парламентот. Пред Анкетната комисија треба да биде повикан и собранискиот спикер Трајко Вељаноски. Прогнозите се дека Анкетната нема да може излезе со заклучоци до крајот на годината. |