ЕДИТОРИЈАЛ
Викиликс ја тресе Македонија
Соња Крамарска
Демократската унија за интеграција многу лесно ги избриша наводите во Википедија за политичкото минато и за здравствената состојба на нивниот лидер Али Ахмети. Беше доволно да влезат на интернет-страницата на најпопуларната енциклопедија и со неколку кликови да го дотераат имиџот на нивниот претседател.
Релативно лесно и' одеше на ДУИ и оспорувањето на првата Македонска енциклопедија во која не им се допаднаа атрибутите за партиските челници што командуваа со ОНА. Македонското конфликтно општество лесно го апсорбираше и овој партиско-политички конфликт и го пушти низ својот дигестивен тракт како многу такви досега.
Но, ДУИ е сега исправена пред најтешкото искушение. Еден дневен весник на своите ударни страници донесе сторија во која се цитираат делови од кодошко досие за висока личност од ДУИ, родена во Зајас. Во досието се содржани детали што клеветат дека е тој со „педофилски и хомосексуални склоности“. Личноста, за која не е тешко да се претпостави која е, бил соработник на тајната југословенска служба во периодот од 1983 до 1997 година, директно инфилтриран во албанската имиграција и задолжен за кодошење на албанската револуција - тврди досието.
Наводите во сторијата на „Дневник“ предизвикаа силен потрес на политичката сцена. Се работи за обвинувања адресирани до коалицискиот партнер во Владата и можеби до водачот на партијата, која во 2001 година ја изведе албанската револуција во Македонија и стана партнер не само во Скопје туку и на авторитети од Брисел и од Вашингтон.
Но, што, или подобро речено, кој стои зад уличната лустрација на партискиот врв на ДУИ што започна со Фазли Велиу, Г’зим Острени и Муса Џафери, а продолжи до самиот врв на пирамидата?
Од моменталниот распоред на силите во парламентот единствениот што има директна корист од компромитирањето на Ахмети и неговите соработници е ривалската партија ДПА и нејзиниот лидер Мендух Тачи. ДПА и Тачи се борат за гол опстанок на политичката сцена откако ДУИ ја презеде лидерската улога кај гласачите и остварува убедлива предност на анкетите.
Од читањето на бомбастичното досие во дневниот весник, може да се заклучи дека тоа не е плод на аматерски труд, туку дека зад него стои цела организација. Безбедносни експерти се спремни да се заколнат дека материјалот потекнува од државни безбедносни служби. И, дека планот да се обелоденат досиејата е исклучиво „мејд ин Маседонија“.
Белград, кој се обидува да игра конструктивна улога во регионот не би можел да се смета како извор на компромитацијата на ДУИ. Иако случувањата околу Косово се' уште ја подгреваат температурата на Балканот, нема логика нашиот поранешен северен сосед да решил токму сега да плете политички игри околу Македонија.
Значи, остануваат само домашните играчи со своите мотиви. Во Македонија претстојат многу важни моменти што можат да водат до усложнување на политичката ситуација. Во ноември НАТО ќе одржи уште еден самит во Лисабон што ќе биде јалов за македонските аспирации за членство во Алијансата. Ахмети час го поддржува Груевски во битката за зачувување на името час адресира до него суптилни закани дека ќе ја напушти Владата ако не постигне напредок на надворешен план.
Но, ако не со Ахмети, Груевски ќе склучи коалиција со друг албански партнер кога веќе ВМРО-ДПМНЕ е неприкосновена на рејтинг-листите. Тука паѓаат во вода можните мотиви на Груевски да се ослободи од ДУИ. Освен ако ја сака ДУИ, но со други водачи. Можеби некои што не биле толку изложени во конфликтот во 2001 и кои не ја компромитираат ВМРО-ДПМНЕ дека е во пакт со поранешни терористи?!
Во услови на напнатост во албанскиот политички блок се проблематизира и претстојниот попис планиран за април 2011 година. Може ли ДУИ да ги затне сите дупки во своите структури? Како ќе се одрази тоа врз Владата? Ахмети и Груевски се на потег. |