Херцог одликуван со орденот „8 Септември“
Претседателот Иванов му го доделува орденот на Роман Херцог
Во вилата „Билјана“ во Охрид завчеравечер претседателот Ѓорѓе Иванов му го врачи на поранешниот германски претседател Роман Херцог орденот „8 Септември“, највисокото македонско државно признание што може да го добие еден странски државјанин.
Заблагодарувајќи се на високото признание, претседателот Херцог потсети на времето кога Македонија ја донесе одлуката за самостојност и побара признавање на независноста од меѓународната заедница. „Бадинтеровата комисија беше составена од пет члена, секој задолжен да изготви извештај за една од републиките на поранешната Југославија. Мене ми падна најлесната задача, да направам извештај за Република Македонија“, истакна Херцог, посочувајќи ја земјава како пример на ученик што ги завршил своите домашни задачи во исполнувањето на демократските норми потребни за членство во демократска Европа.
Во врска со прашањето околу државното име на Република Македонија, претседателот Херцог потенцираше дека во Европа постојат правни кругови кои размислуваат повеќе и оние што размислуваат помалку формално, меѓу кои е и Германија и, пред се', нејзината сојузна покраина Баварија. „Политичките одлуки се носат врз основа на реални околности и прашања, а не поради некои формални причини, затоа за мене воопшто не беше прашање Македонија да се признае целосно како самостојна држава“, истакна Херцог.
Претседателот Ѓорге Иванов му се заблагодари на поранешниот германскиот претседател, затоа што бил првиот шеф на држава на една голема европска и светска земја кој допатувал во официјална посета на тукушто формираната Република Македонија. (МИА) |