Апелација ја укина пресудата за газдата на „ГИА инженеринг“

На повтореното судење на Ѓорѓи Шоптрајанов треба да се утврдат точниот број на оштетени и висината на штетата
Љубиша Станковиќ
Апелациониот суд - Скопје ја укина првостепената пресуда со која сопственикот на градежната компанија „ГИА инженеринг“, Ѓорѓи Шоптрајанов (30), во април минатата година беше осуден на четири години затвор. Судот ја прифатил жалбата на осудениот Шоптрајанов и на неговиот бранител, адвокатот Драган Василевски, но во исто време ги отфрлил жалбите на оштетените и на Јавното обвинителство. Според Апелација, првостепената пресуда е нејасна и неразбирлива и не содржи доволно факти со кои би се утврдила кривичната одговорност на Шоптрајанов.
Како што неофицијално се дознава, повтореното судење на сопственикот на „ГИА инженеринг“ ќе започне на крајот на септември, кога скопскиот Кривичен суд ќе треба да го утврди точниот број на оштетени во овој градежен скандал, како и висината на евентуално причинетата штета.
Ѓорѓи Шоптрајанов се најде под кривичен прогон кога купувачи на станови во зградата број 10 на улицата „Емил Зола“, во скопската населба Кисела Вода, пријавија измама. Според нив, газдата еден ист стан им го препродавал на неколкумина купувачи. Тој беше осомничен дека во периодот од 2005 до 2007 година 17-те стана во спомената зграда им ги продал на седумдесетина лица, а се одеше и со тврдења дека еден ист стан го продавал и по седум пати.
Според органите на прогонот, целата афера беше проценета на речиси 2,5 милиони евра, но на главниот претрес Шоптрајанов ги негираше ваквите тврдења. Тој тврдеше дека купувачите треба да имаат трпение и дека сите што се чувствуваат оштетено ќе бидат обесштетени.
Со пресудата што беше изречена лани против Шоптрајанов, покрај тоа што беше осуден на затворска казна, тој беше задолжен и да надомести штета од 700.000 евра. И покрај високата казна, Шоптрајанов не замина во затвор и во натамошниот тек од постапката се бранеше од слобода, но во истражниот затвор „Скопје“ речиси половина година ја издржуваше мерката притвор.
|