Привршува уривањето на потпокривот на Кинескиот ѕид
Вториот потпокрив кој е дивоградба на објектот во Градски парк, т.н. Кинески ѕид, речиси и го нема. Видливи се остатоци од урнатини кои се создадоа во изминатиот еден и пол месец. Решителни да го спроведат решението за уривање на дивоизградениот дел од најозборуваната дивоградба, работници по налог на Општина Центар повеќе од еден месец секојдневно работат на уривање на спорните делови.
Акцијата за „чистење“ на вториот потпокрив е започната на 5 ноември. Оттогаш речиси секојдневно на терен се 15 работници кои, покрај рачно, уриваат и со три компресори. Од Општината предвидуваат дека решението за уривање на спорниот потпокрив целосно ќе го реализираат до првата половина на јануари, што сепак ќе зависи и од временските услови. Досега, според процените на надлежните, санкционирани се речиси 90 отсто од дивоизградениот дел. Кој и кога ќе го отстранува градежниот шут - допрва ќе се утврдува. Од Центар велат наскоро ќе договорат дали ќе го стори тоа инвеститорот на зградата или тие, но на негова сметка.
„Оваа едно и полмесечна акција беше неопходна за да се доурне дивоизградениот потпокрив кој остана по уривањето со динамит. Иако имаше најави дека тоа ќе го стори инвеститорот, бидејќи не се случи тоа, работата ја презедовме ние“, дополнуваат општинарите. (Дс.Т.) |