Сензацијата Хал го скрши и изгубениот Тотенхем

По поразот од дебитантот во Премиерлигата Рамос не размислува за оставка
Никој не очекуваше по седмото коло во Англија да го види дебитантот во Премиерлигата Хал на третата опозиција на табелата веднаш зад големите Челзи и Ливерпул, а уште помалку дека ќе го види реновираниот Тотенхем, кој потроши милиони фунти за засилување, закован на дното.
Сензацијата Хал со победата токму над Тотенхем покажа дека не бил случаен триумфот над Арсенал минатиот викенд. Феноменалниот гол на Џовани од слободен удар во првиот дел го потврди најлошиот старт на Тотенхем во последните 96 години. Иако, му поставија ултиматум да ги промени работите во наредните четири меча, или да си оди, тренерот на Тотенхем Хуанде Рамос мува не го лази. Англискиот медиуми, кои се секогаш жедни за крв, пишуваат дека Шпанецот може да го спаси само големата отштета што Тотенхем треба да му ја плати во случај на раскин на договорот. „Рамос го доведе Тотенхем до најлошиот старт од 1912 година, кога потона Титаник. Да се напаѓа ваков Тотенхем е како да се удира болно куче“, пишуваат медиумите.
Од друга страна, Рамос самоуверено им одговара: „Не помислувам на оставка. Тоа е моја функција, моја работа. И победите и поразите се составен дел. Желбата, мотивот и залагањето кај фудбалерите се на добро ниво. Но, кога не постигнувате голови тешко ќе победите. Постојано разговарам со моите фудбалери и чувствувам дека сакаат што побргу да ја променат тешката ситуација“, изјави Рамос, чиј тим има само два бода во седум меча и ниту еден постигнат гол во последните три.
Рамос, кому навивачите на Хал му пееја „Утре ќе бидеш отпуштен“ смета дека проблемот е во реализацијата откако тимот го напуштија Бербатов и Роби Кин. Неговите надежи дека таа ќе се подобри стишаа со повредата на Павличенко во првиот дел, кој вчера требаше да биде дополнително прегледан на скенер. „Нашиот најдобар меч сезонава беше против Челзи - едноставно некои работи не може да се објаснат“, вели Рамос, кој смета дека Павличенко и Дарен Бент не може да играат заедно во нападот.
Од друга страна, тренерот на Хал Фил Браун е презадоволен од настапот на својот тим. „Да се победат Арсенал и Тотенхем во Северен Лондон е навистина неверојатен успех за една седмица. Кога стартуваше сезоната не погледнував во табелата, но сега постојано го правам тоа. Ги сакам победите од 1:0. Како дефанзивен тренер фантастично е тоа да се води“, изјави Браун.
За разлика од Тотенхем, Ливерпул од меч во меч го прави тоа што од него се очекуваше. И покрај негативата од 0:2 против Сити во гости, фудбалерите на Рафаел Бенитез на крајот славеа со 3:2. Одлучувачки момент се покажа црвениот картон на Забалета во 67 минута при резултат 2:1 (Ајрленд 19 мин, Гаридо 43 - Торес 53), по кој Ливерпул тргна со сите сили на победа. Само шест минути подоцна феноменалниот Торес израмни на 2:2, а во 90 минута токму по неговиот удар и одбиената топка, Кајт ја донесе големата победа. „Сега сите гледаат каков играч купивме лани. Го плативме 25 милиони евра и тој е вреден за секое вложено евро. Инвестицијата во него не може да се спореди со онаа на Јунајтед во Бербатов (38 милиони евра) и на Сити во Робињо (43 милиони). Торес е најдобар во светот во моментов. Има добри играчи и во Европа и во Јужна Америка, но подобар од него нема. Не би го менувал за ниту еден друг фудбалер“, порача Бенитез.
Резултати од 7.коло: Манчестер С. - Ливерпул 2:3, Тотенхем - Хал 0:1, Челзи - Астон Вила 2:0, Вест Хем - Болтон 1:3, Портсмут - Стоук 2:1, Евертон - Њукасл 2:2. Табела:Челзи 17, Ливерпул 17, Хал 14, Арсенал 13, Астон Вила 13, Вест Хем 12, Портсмут 12, Манчестер Ј. 11 (-1)......
Пажис го растури Лион
Фудбалерите на Рен го декласираа шампионот на Франција Лион, откако искусниот напаѓач Михаел Пажис забележа хет-трик. Така слободно може да се каже Пажис - Лион 3:0. Бившиот напаѓач на Марсеј даваше голови и со глава и со нога, искористувајќи ја така слабата игра на гостите кои не се видоа на терен.
Резултати: Рен - Лион 3:0, Сент Етјен - Монако 2:0, Нанси - ПСЖ1:1. Табела: Лион 19, Тулуз 17, Марсеј 16, Ле Ман 14, Бордо 14, Лил 14.....
Хамбургер се зацврсти на првото место
Резултати од неделните натпревари во Бундеслигата: Борусија Д. - Хановер 1:1, Котбус - Хамбургер 1:2, Шалке - Волфсбург 2:2
Табела: Хамбургер 16, Хофенхајм 13, Штутгарт 13, Баер Л 12, Шалке 12....
Реал М. и Еспањол ги поделија бодовите
Резултати од 6. коло во Шпанија: Депортиво ла Коруња - Нумансија 1:0, Гетафе - Алмерија 2:2, Мајорка - Спортинг Хихон 0:2, Осасуна - Сантандер 0:1, Реал М. - Еспањол 2:2, Хуелва - Малага 0:4, Севилја - Билбао 4:0, Валјадолид - Валенсија 0:1. Табела: Валенсија 16, Вилјареал 16, Севилја 14, Барселона 13, Реал М. 13.
|