Тунелот на стадионот во Тетово полигон за тепање

По исклучувањето на мечот со Ренова, фудбалерот на Македонија Амбурет бил физички нападнат и повреден на пат кон соблекувалната
Миодраг Мицковиќ
Дерби мечот од осмото коло меѓу најголемите конкуренти на Вардар за титулата, Ренова и Македонија Ѓ.П., траеше само 45 минути. Македонија водеше со 1:0, но нејзините играчи по тешкиот инцидент што се случи по исклучувањето на нивниот играч Џорџ Амбурет, видно депримирани од сликата кога го виделе својот играч како лежи без знаци на живот во тунелот под стадионот одбија да настапат во второто полувреме.
Што се случило практично во тој фамозен тунел на тетовскиот стадион, кој последниве години е често актуелен поради физички пресметки во него.
Во последната минута од првото полувреме, при водство на Македонија од 1:0, Амбурет добил црвен картон затоа што без топка го удрил домашниот играч Али, изнервиран по неколкуте остри стартови врз него. Да потсетиме, Али е фудбалерот кој минатата сезона му го скрши носот на голманот на Милано, Нурединовски, на истиот овој стадион и во истиот тунел.
На влезот во тунелот, по исклучувањето некој неодговорен гледач физички го нападнал Амбурет, кој по силниот удар се онесвестил и морале итно да го префрлат во болницата во Тетово, а потоа и во Скопје, бидејќи е констатирано дека добил потрес на мозокот од силината на ударот.
Претседателот на Македонија, Јовица Николовски, им забранил на претставниците и на луѓето од управата на клубот да даваат изјави се' до официјалното сопштение на Македонија, но, сепак, според наши извори, дознаваме повеќе детали за овој тежок инцидент.
„Во тунелот имаше повеќе полицајци и не можам да разберам како тие дозволиле некој гледач да влезе во тунелот и физички да го нападне нашиот играч, и тоа пред нивни очи. Зошто вратата од која се влегува од трибините во тунелот беше отворена. Амбурет беше удрен со тупаница или тврд предмет во тилот, лежеше без знаци на живот, сликата беше морничава, се исплашив од најлошото. Кога го видоа сето тоа, нашите играчи беа депримирани, речиси шокирани и сите едногласно одбија да настапат во второто полувреме, бидејќи во тој момент како да им згасна желбата да играат фудбал“, ни рече еден член на управата на Македонија.
Во бесознание Амбурет бил префрлен со брза помош во болницата во Тетово, но според информацијата што ја добивме од луѓето во клубот, во возилото на брза помош, на патот од стадионот до болницата немало лекар, со него бил само член на Управниот одбор на Македонија. Дури во болницата, Амбурет се освестил, но со оглед дека немало скенер за да се сними неговата повреда на главата, тој бил префрлен на Клиниката во Скопје, каде што се извршени сите прегледи за да се констатира неговата повреда - потежок потрес на мозокот. И што е уште поинтересно и недозволиво, дури и нехумано, од Тетово до Скопје, Амбурет бил префрлен со такси-возило, бидејќи возачот на брза помош од Тетово немал наредба да го стори тоа со болничкото возило.
Ноќта по инцидентот Амбурет ја поминал на Одделот за хирургија во Клиничкиот центар во Скопје, а во текот на денешниот ден требаше да замине за Габон за да игра за својата репрезентација во Купот на Африка, но колку ќе биде способен за тоа, тешко е да се каже.
По сето ова, по оваа црна слика на дербито во Тетово, на потег се сега дисциплинските органи на ФФМ, бидејќи во годинашнава сезона ова е втор случај во кој се спомнува тој фамозен тунел во Тетово. Во шестото коло претседателот и претставникот на Милано од Куманово го обвинија претставникот на Ренова дека физички биле нападнати од него по завршувањето на првото полувреме, но сето тоа остана неказнето, наводно кумановци инсценирале инцидент за да дојде до прекин на мечот.
Делегатот на овој меч Панче Игњатовски од Скопје сигурно ќе даде дополнителен извештај за целиот настан. Како што дознаваме, во протоколот тој запишал:
„Натпреварот во првото полувреме коректен, црвениот картон правилно доделен на играчот на Македонија, Амбурет. По завршувањето на полувремето, при влезот во тунелот видов како исклучениот играч на гостите лежи во бесознание на бетонот. Потоа, тој со возилото на брза помош бил префрлен во тетовската болница за да му се укаже помош“.
|