Проблемот со албанските паралелки ќе го решава новата влада
Проблемот на родителите-Албанци кои бараат вишок паралелки во двете средни училишта „Арсени Јовков“ и „Панче Караѓозов“ ќе го решава новиот министер за образование и наука. И покрај тоа што името на државниот секретар во образование, Перо Стојановски, се спомнува како иден прв човек во ресорот образование, тој вчера не сакаше да коментира дали како иден министер ќе го реши проблемот на родителите-Албанци. Стојановски, по вчерашната средба со родителите-Албанци не беше расположен да зборува на оваа тема, со изговор дека „нема мандат“ да го решава проблемот на родителите кои бараат дополнителни паралелки.
Родителите Албанци по втор пат вчера се сретнаа со претставници од Министерството за образование. Тие побараа од надлежните да се почитува онаа верзија од конкурсот за упис во средните училишта што го одобри министерот за образование во заминување, Сулејман Рушити, а кој предвидува повеќе паралелки на албански јазик, за разлика од првата верзија на конкурсот според која запишувале училиштата каде што бројот на паралелките е намален. Според државниот секретар во Министерството, Стојановски, родителите побарале пет дополнителни паралелки во средното „Арсени Јовков“ и уште една во медицинското „Панче Караѓозов“.
„Она што го понуди Министерството е спроведување на конкурсот во целост, со тоа што просторните услови ќе ги обезбедиме на тој начин што ќе бидат дисперзирани паралелките. Родителите останаа на своите барања за проширување на бројот за запишување ученици, а јас како државен секретар немам мандат да разговараме во таа насока“, изјави Стојановски по средбата, кој воедно нагласи дека во другите средни училишта има голем број слободни места.
Џелал Рамадани, претставник на родителите-Албанци, како и Стојановски потврди дека ќе почекаат до формирањето новата влада.
„Сметаме дека зборуваме можеби со несоодветни луѓе, па затоа ќе почекаме да се формира новата влада и тогаш ќе се решава ова прашање. Министерството покажа дека има слух за нашите барања. Мислам дека постои расположение од нив да го решат проблемот, но за ова ќе одлучува новиот министер“, изјави Рамадани по средбата во Министерството за образование. Тој вели дека децата кои се заинтересирани да се запишат во овие две средни училишта ги исполнуваат условите според бројот на поени.
Претходно, родителите го искажаа незадоволството во училиштата, а дури најавија дека учебната година од оваа есен нема да се реализира ако не се задоволат нивните барања за упис на сите ученици-Албанци во оние училишта каде ќе посакаат, повикувајќи се на фактот дека од наесен средното образование е задолжително. За нивните барања се повикуваат на условите за упис во овие средни училишта, за кои тврдат дека децата треба да бидат примени ако ги исполнуваат условите, а без притоа да се тестираат. (Ж.Х.З.) |