Демаркацијата може да го забрза признавањето на Косово
Тамара Грнчароска
Два месеца по стартот, демаркацијата на границата меѓу Македонија и Косово се одвива според предвидената динамика и планот на Марти Ахтисари, со почитување на договорот за обележување на границата од 2001 година, што го потпишаа Македонија и тогашна СР Југославија, е официјалниот став на македонската страна во поглед на процесот кој по седум години одложување и проблематизирање се очекува месецов, конечно, да биде завршен.
Приштина го одложуваше и спореше демаркирањето, тврдејќи дека со договорот од 2001 година 2.500 хектари косовска земја бесправно и' се доделени на Македонија. Педесет проценти од околу 150 километарската граница се веќе обележани со гранични камења и, според македонското МНР, до крајот на месецов се очекува обележувањето да заврши по должината на целата гранична линија. Главен предуслов за тоа ќе бидат временските услови, бидејќи се работи на високи планински, неретко, тешко достапни места.
Демаркацијата околу која се кренаа многу тензии изминатите години, месециве најмногу се споменуваше во контекст на признавањето на независно Косово од македонска страна. Познавачите на состојбите и дипломатите беа на став дека почнувањето на демаркацијата многу ќе помогне да се донесе одлука за признавање на независноста на Косово од страна на Македонија, иако Скопје никогаш официјално не го поврза признавањето со демаркацијата. Деновиве во Македонија повторно се актуализира признавањето на независноста на Косово, овој пат од страна на опозиционата ДПА со поднесување предлог-резолуција до Собранието за признавање на Косово. Упатените не исклучуваат тоа да се случи набргу по окончувањето на демаркацијата иако, засега, нема официјално информации за признавање на Косово од Македонија.
Деновиве демаркацијата ги опфати терените на селата Дебалде, од косовска страна, и Танушевци, од македонска страна, како и Кодра Фура, реони во кои пред стартот на демаркацијата македонската страна очекуваше да има одредени спорни точки, и тоа не толку политички од Приштина, колку од локалното население и од криминалните кругови кои ја користат таа земја, едните за обработување, а другите за шверцерски канали. „Демаркацијата на границата кон Косово се одвива без спорови и тензии и очекуваме така да продолжи и понатаму“, изјави неодамна шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски. Слична изјава стигна и од заменик претседателот на косовската комисија за демаркација Мурат Меха. Во реонот на Дебалде - Танушевци од предвидените 17 гранични камења досега се поставени 13.