Инфекција во паланечкото родилиште
Државниот здравствено-санитарен инспекторат речиси една недела криеше дека ја затвориле родилната сала во болницата во Крива Паланка. Министерството за здравство дури вчера ја извести јавноста, и тоа дури откако биле преземени сите превентивни и санкциони мерки.
Родилиштето заработило санитарна пломба на 16 јуни, еден ден пред Министерството за здравство и Државниот здравствено-санитарен инспекторат да се пофалат со вонредната акција по објектите за храна и по здравствените установи. Но, тогаш не беше споменато дека родилиштето е затворено, иако Министерството за здравство се пофали дека поради лоша хигиена се затворени четири тоалети на Универзитетската клиника за урологија.
Токму лошата хигиена била првичната причина што ги натерала инспекторите да стават санитарна пломба на родилиштето. Подоцна и резултатите од брисевите од вработените покажале дека една хигиеничарка е инфицирана со бактеријата „мрса“, која е предизвикувач на болнички инфекции. Ова било уште една причина повеќе родилиштето да остане затворено, а родилките со возило на Брза помош да се препраќаат до болницата во Куманово или до Скопје.
Од Министерството за здравство тврдат дека не криеле за затворањето на родилиштето. „Државниот инспекторат добил таква информација дури откако Министерството за здравство го обелодени неделниот извештај за вонредната акција. Но, без разлика што јавноста не е информирана, битно е што се преземени сите превентивни мерки во интерес на здравјето на населението“, е оправдувањето што го дадоа од Службата за информирање при Министерството за здравство.
Хигиеничарката кај која била откриена бактеријата „мрса“ е отстранета од работа, а е наложено генерално чистење и дезинфекција на родилишето и на родилната сала.
„Земени се брисеви од работните површини и од вработените. Првите резултати се негативни. За повторно пуштање на родилиштето во употреба се чека на вторите брисеви што треба да бидат негативни“, објаснија од Службата за односи со јавноста. Оттаму уште рекоа дека родилиштето, најверојатно, ќе биде отворено во текот на вчерашниот или денес. (Ј.Ј.) |