Орфеј од паркот „Жена-борец“
Д-р Живко Богоевски Прилеп
Кој беше тој таинствен пејач што со својот глас и убост на својата песна ми се пристори како да е отелотворение на митскиот Орфеј, синот на „милогласната“ муза Калиопи, кој ја имал моќта да ги занесе луѓето, дивите животни, реките, ветровите, па дури и боговите?
Речиси една година често си го поставувам истото прашање: дали тоа беше стварност или фикција на тој убав и сончев септемвриски ден во 2009 година? Раноесенски ден кон крајот на септември, а јас со брзи чекори, поради одредени обврски, кои беа временски детерминирани, го пресекував паркот „Жена-борец“.
На премиот од паркот кон Трговскиот центар, мала група луѓе собрани во полукруг, а во средина висок и слаб човек со карирана кошула, платнена капа на главата, светол тен, малку испакната брада и интересно светли очи, со гитара во рацете ја пееше онаа убава песна за Трена. Од неочекуваната убавина на гласот и од звуците на гитарата, кои се разлеваа како волшебен сплет од небесата, одѕвонуваа над паркот „Жена-борец“ како магија на убавиот пој, јас останав стаписан. Никогаш не сум чул некој толку убаво да ја отпее оваа прекрасна песна. На сличен прекрасен начин отпеа и една шансона, мислам дека беше од Жак Брел, а јас иако бев во голем теснец со времето останав и ја дослушав до крај. Како и останатите, со големо задоволство извадив пара од паричникот и ја ставив во неговата испружена капа. Тоа можеби ми е најдраго дадена пара за музичко уживање.
Времето и обврските ме притискаа, па морав да заминам. По повеќе од два часа, завршувајќи ги обврските, побрзав да се вратам на истото место, но волшебниот песнопоец го немаше. Се вртев лево-десно, но немаше ни трага ни глас од него. Дури и прашав еден случаен минувач дали видел тука некој човек со гитара, но тој зачудено ме погледна и ми одговори дека воопшто не забележал таков човек. Оттогаш, честопати кога доаѓав во Скопје, намерно поминувам по таа патека низ паркот „Жена-борец“, со скриена надеж дека повторно ќе го сретнам таинствениот песнопоецот со прекрасен глас, но за жал, не се случи тоа. И сега се прашувам, кој беше тој непознат пејач? Тој човек многу, многу повеќе ми ја облагороди душата и топлината на Скопје од колку сите оние бронзени творби начичкани по улицата и плоштадот „Македонија“, кои постојано ги сретнувам при поминување. |