Владата повторно згреши со Клиничкиот центар
Уставните судии велат дека донесените измени во Законот за здравствена заштита се неуставни
Јасмина Јовановска
Во брзање да ја поправи грешката со поделбата на Клиничкиот центар, Владата повторно згреши. Ова го тврдат стручњаци по уставно право кои велат дека и законските измени од Законот за здравствена заштита донесени на Собрание минатата недела, со кој Владата доби право да го трансформира Клиничкиот центар, се неуставни. Министерот за здравство, Имер Селмани, по донесување на овие измени се јави со двојна улога - и како предлагач на законските измени и како пратеник. Повторно дојде до мешање на извршната и на законодавната власт, што е флагрантно кршење на уставниот поредок, укажуваат уставните судии. Затоа, ако се поведе уставна постапка, овие измени сигурно ќе паднат на Уставен суд.
Од Владата велат дека за донесување на овие измени се консултирани врвни стручњаци, но ако тие се неуставни ќе ја почитуваат одлуката на Уставниот суд.
И додека Владата наоѓа мерки како да ја задржи трансформацијата на Клиничкиот центар онака како што е замислен, клиниките уште најмалку две недели ќе работат незаконски.
Ова оттаму што Владата не постапува според одлуката на Уставниот суд, која налага да се врати старата организациона поставеност на Клиничкиот центар, туку си тера по свое и брза да ја исправи неуставната одлука, велат правните експерти. Не се носат ни некои привремени упатства како во овој вакуум да функционираат клиниките, па на вработените на клиниките ќе им доцнат платите, а болните ако сакаат да се лекуваат ќе мора да си ги купат лековите. Резервите на лекови веќе се на црвена линија, а снабденоста нема да се подобри ни во наредните две недели поради ќор-сокакот во кој се најдоа клиниките кои немаат право да набавуваат лекови и потрошен медицински материјал, ниту пак директорите ќе може да потпишат за плати зашто нивниот потпис е незаконски.
Владата и да сака побрзо да ја донесе одлуката не ќе може, велат правните експерти, бидејќи за да заживе�� таа во практиката има процедурата која мора да се запази и не дозволува да се скрати времето. Законските измени од Законот за здравствена заштита, иако беа донесени само за еден ден, тие треба да се објават во „Службен весник“ за да станат правосилни, објаснуваат правниците. За тоа треба најмалку осум дена, по што Владата треба да ја донесе новата одлука за трансформација на Клиничкиопт центар, која исто така треба да се објави во „Службен весник“. За да работат клиниките законски и според моделот на Владата ќе поминат најмалку две недели.
Со моделот на Владата за поделбата на Клиничкиот центар и натаму не се согласуваат најголемиот дел од лекарскиот еснаф. Новоизбраниот претседател на Македонското лекарско друштво, д-р Јован Тофоски, смета дека треба да се најде ново решение за трансформација на Клиничкиот центар, бидејќи со сегашната поделбата квалитетот и достапноста на здравствената услуга се намалени. „Дека во Клиничкиот центар нешто требаше да се менува е повеќе од јасно. Требаше да се менува менаџментот, но не функционалноста. За да се прегледаат, пациентите по поделбата се принудени да имаат најмалку десет упати, што значи не требаше да се менува функционалноста“, укажува д-р Тофоски и додава дека можеби требаше да се оди на обединување на специјалностите.
И додека во Македонија се оди на расцепкување на Клиничкиот центар, во Бугарија тежнеат кон обединување на болниците, зашто, како што вели претседателот на Бугарскиот лекарски сојуз, д-р Андреј Кехарот, само така може да се добие поефикасно и подостапно здравство за болните. Во источниот сосед има 18 универзитетски болници, од кои 13 во Софија. Токму овие болници има предлог да се обединат. Двојното менаџерство, кое сега профункционира кај нас, во Бугарија е укинато уште пред девет години, зашто се покажало како неефикасно. „Стручниот директор и економскиот директор беа во постојан конфликт поради што страдаа болните и затоа се напушти двојното менаџирање“, вели бугарскиот гостин. За трансформацијата на Клиничкиот центар тој многу не сакаше да коментира, но економски гледано обединувањето е подобро од поделбата, поради што и кај нив се планира обединување на универзитетските болници. Дали за крупни промени во здравството власта во Бугарија ги консултира лекарите кои имаат само една асоцијација, а тоа е Бугарскиот лекарски сојуз, д-р Кехарот само рече дека доволен доказ е тоа што лани го смениле министерот за здравство. |