Средба со Нимиц ќе има, не се знае за предлог
Министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, најави дека делегацијата што ќе учествува на Генералното собрание на ОН во Њујорк кон крајот на месецов ќе има средба со медијаторот Метју Нимиц, но дека нема информации за евентуален негов нов предлог за надминување на спорот.
Според Милошоски, Нимиц, најверојатно, чека позитивен сигнал од зачестените билатерални средби меѓу македонските и грчките официјални претставници и создавање поволна атмосфера пред да направи пробив во однос на прашањето. Веројатно, смета тој, се работи за негова процена дека долгогодишниот спор не може да се надмине само со формално доставување нови предлози што би биле одбиени од едната или од другата или, пак, од двете страни.
„Од македонска страна постои подготвеност и прагматизам за надминување на овој долгогодишен спор, но очигледно е дека иако во Грција има една нова форма во односите, нова отвореност во комуникацијата со македонското раководство, сепак, во однос на суштината на самиот проблем и прагматичноста за негово надминување немаме добиено никаков позитивен сигнал“, изјави шефот на дипломатијата.
За информациите во грчките медиуми дека „Северна“ или „Вардарска Македонија“ би можеле да бидат прифатливи солуции за затворање на спорот, Милошоски вели дека не би сакал да шпекулира, но оти е очигледно дека од грчка страна се нагласуваат одредени можни иницијативи кои ја протежираат нивната димензија за решение на проблемот.
„Очекуваме од грчката страна да ја согледа реалноста оти овој спор е билатерален и дека секоја држава и нација има право на свој идентитет, суверенитет, самостојност и самоопределување. Во рамките на тие меѓународно утврдени правила, би можеле да трагаме по заедничко решение“, изјави Милошоски. (Н.Р.) |