Нови 25 возила ќе ги гаснат пожарите
Возилата вредни над четири милиони евра им се доделени на 19 општини низ земјава
Со дваесет и пет нови противпожарни возила се подновија 19 општини во земјава. Новите возила од фирмата „Даф“ ја чинеа Владата околу четири милиони евра. Претходно, Македонија набави и три авиони за гаснење пожар, што според надлежните ја прави земјава капацитетна да им помага и на соседните земји во случај на големи пожари.
Возилата вчера беа претставени пред салата „Борис Трајковски“ во Скопје, каде што премиерот Никола Груевски им посака на градоначалниците и на претставниците на 19 општини да имаат колку што е можно помалку потреба да ги користат. „Со децении немаше набавено противпожарно возило и тоа силно се одразуваше во случаите на поголеми катастрофи. Токму затоа, пред две години, оценивме дека е добро да се набават поголем број вакви возила, а пред една недела Владата донесе одлука за распределба на возилата на 19 општини“, изјави премиерот Груевски.
Петнаесет возила се специјализирани за гаснење градски, а десет за шумски пожари. Најмногу возила доби Скопје - три, односно четири со возилото што го доби Општина Петровец.
Првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување оцени дека успешно е формиран „современ систем на цивилна заштита кој претставува поврзан процес на планирање, програмирање, финансирање, надзор и дејствување за отстранување на последиците од природните катастрофи и други несреќи“. (Г.А.) |