Број 3660  петок, 19 август 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Онлајн вести








Site Meter
На прво место

Забавувањето на германскиот џин засега не не' засега

Нарачките и цените од германските партнери во овој период се стабилни, па нашите компании немаат никакви проблеми

Нина Нинеска-Фиданоска

Македонските компании засега не се загрозени од забавувањето на растот на германскиот економски џин. Нарачките и цените од германските партнери се стабилни, па во нашите фабрики велат дека моментно работат под полна пареа.

Н��, послабиот раст на економијата на Германија, што го објавија деновиве нивните статистичари, секако дека не е добра вест за Македонија. Од тие причини, како во иднина ќе се се одвива соработката ќе зависи од тоа како ќе се движи германското, но, воопшто, и целото европско стопанство. Дел од бизнисмените со кои разговараше „Утрински“ потенцираат дека во овој период многу повеќе треба да не' загрижува состојбата во Италија, Шпанија и во Грција отколку онаа во Германија.

Она што деновиве предизвика извесна вознемиреност во европските бизнис-кругови, секако, беше послабиот економски раст што го измери статистиката за германската економија за вториот квартал од годинава. Па така, германскиот БДП во второто тримесечје се зголемил за само 0,1 отсто, што се смета за забавување, особено затоа што аналитичарите очекуваа тој раст да изнесува 0,5 проценти.

„Почетниот елан од првиот квартал попушти - стопанството во Германија и во Европа расте со значително пониска стапка. Најновите статистики се вклопуваат во општиот штимунг за навестување нова можна глобална криза“, се дел од коментарите што можат да се прочитаат во медиумите. Причини за ваквиот развој се должничката криза во Европа и слабата конјунктура во САД, иако извесни позитивни импулси дошле од извозот и од инвестициите. Економистите очекуваат и во наредните месеци робустен тренд на пораст на германското стопанство, иако проблем можат да бидат дополнителните мерки за штедење во Франција и во Италија.

Инаку, Германија со години е најголем трговски партнер на Македонија. Нејзината „тежина“ е уште поголема и поради тоа што во таа држава многу повеќе извозуваме отколку што увезуваме производи. За илустрација, според Државниот завод за статистика, во периодот јануари-јуни оваа година вкупната трговска размена на Македонија со Германија изнесувала 974 милиони долари. Од нив, таму сме имале извоз од 611 милиони долари, а увозот бил 362 милиони долари, така што покриеноста на увозот со извоз е 168,7 проценти. Токму и затоа, забавувањето на растот во Германија, би можел да е вознемирувачки за нашата држава.

Но, стопанствениците засега не чувствуваат последици. Илија Гечев, сопственик на „ИГМ трејд“ Кавадарци, за „Утрински“ објаснува дека извозот во Германија оди стабилно, односно дека кај црната и обоената металургија нема никакви промени. „Во работењето со Германија сите предвидувања за септември и за октомври покажуваат стабилност, и во поглед на нарачките, и во поглед на цените, кои се најдобри. Се почувствува само сосема минорно намалување и тоа поради годишните одмори, но, во секој случај, германскиот пазар е најстабилен“, објаснува Гечев. Инаку, најголем дел или 98 отсто од производството на „ИГМ трејд“ оди за извоз, од кои 55 до 60 проценти е во Европската унија. Во рамките на извозот во ЕУ, пак, од 12 до 13 отсто отпаѓа на извоз во Германија.

„Сега многу поголем проблем можат да бидат пазарите во Италија, Шпанија и во Грција, каде што и цените се најниски и побарувачката е најслаба. Таму речиси тотално е сопрена побарувачката. Исто така, по кризата, не видовме будење на пазарите во Романија и во Бугарија“, вели овој бизнисмен.

И текстилците засега воопшто не се жалат. Напротив, тие велат дека во овој период дури имаат и повеќе работа, бидејќи многу од партнерите што работеа со северноафриканските држави, заради тамошната нестабилност, „го преселија“ бизнисот во овој регион, пред се', во Романија, Бугарија и во Македонија. Тие објаснуваат дека забавувањето на германскиот раст можеби би била реакција, која подоцна би се почувствувала.

„Во овој момент нашите капацитети се целосно исполнети и не чувствуваме никакви проблеми. Всушност, во текстилната индустрија не ни може да има некои тектонски поместувања, бидејќи колку и да е криза, мора да се облекувате. Дури во овој период имаме и зголемување на работата. Случувањата во северноафриканските држави ни ја подобрија работата, бидејќи многу од нашите европски партнери што работеа таму, се преселија во овој регион. Така што, според показателите со кои располагам, нашите текстилни фирми се полни со работа, бидејќи се зголемува побарувачката за нашите услуги“, коментира Маријана Перковска, претседател на Кластерот за текстил.

Според одредени сознанија, неодамна холандски и германски партнери побарале дури и состанок со нашите текстилци, апелирајќи до нив да не ја злоупотребуваат оваа состојба и да не ги зголемуваат цените.

„Засега имаме полни капацитети. Како понатаму ќе се одвиваат работите, ќе покаже времето“, вели Перковска.

Но, има и бизнисмени што сметаат дека послабиот раст на германската економија воопшто не е добра вест. „Порастот од 0,1 отсто на германското стопанство е исклучително мал и, всушност, значи стагнација. Тоа, пак, воопшто не е добра вест за македонската економија, од причина што Германија е наш водечки партнер и ако стагнира тоа стопанство, ќе стагнираат и нарачките. Германија е водечка економија во ЕУ, а таму оди над половината на нашиот извоз. Затоа, ова е лоша вест за Македонија“, вели Мирче Чекреџи, бизнисмен и заменик-претседател на Сојузот на стопански комори.




#
Статијата е прочитана 1505 пати.

Испрати коментар

Од: jovan
Датум: 19.08.2011 00:24:16
Gospodava biznismeni izgleda ne se dobro informirani,a toa znaci slabo gledaat Sitel i MTV. Tamu od damna soopstija deka nie od krizata sme izlezeni, a pred da ne "udri"krizata rekoa deka i kar ke imame. Sega sme uste pojaki, i neka ne se sekiraat.Imame nie "eksperti" koj veke ne izvlekoa i od ovaa kriza vo koja uste ne sme ni vlegle, i koja ustvari e uste edna sansa da se obogatime superbrzo. Barem taka vikaat na Sitel i MTV, na opsta radost i zadovolstvo na obicniot svet koj gi gleda i slusa ovie blagodeti sekoj den na ovie mediumi. Neka gledaat i oni Sitel i MTV i neka ne se sekiraat za nisto, najmalku pa za nekoja si Germanija, Spanija,Italija,Grcija..........Nie odime napred i samo napred, iako menuvacot ni e non-stop vo rikverc.
Од: Трпе
Датум: 19.08.2011 08:19:39
На германците треба да им го пратиме нашиот финансов експерт Ставревски.Срамно,во Германија раст на економијата од 0,1 % а кај нас поеќе од 2 % .А ова што не загрижува со нашиот извоз е парадоксално.Произведуваме со насјевтина работна рака,нормално и производите треба да ни бидат конкуретни по цена а не не сакат.
Од: perica
Датум: 19.08.2011 09:34:19
Nie sme tolku za nikade i taka stabilno zalepeni za dnoto sto nisto ne ne zasega,za sega.
Од: Zoki
Датум: 19.08.2011 18:11:00
Abe luge uzivajte vo Makedonija ova demokratija ja nema nikade zatoa ne ne sakat mnogu sme demokratski ovde vo Germanija e uzas diktatura ne smes da mknes zatvoren vo 4 zida i natovaren so davacki za Merkel da se fali deka e djin taka ijas ke bidam djin.

Најди! во Утрински
На прво место
Руска инвестиција во „Бунарџик“ дојде по стапките на Александар

"""