Улиците во темница, граѓаните во страв
Прекинати кабли и искршени сијалици се причина за неисправните канделабри
Снежана Калабакова
Искршени канделабри со прегорени сијалици некаде повеќе некаде помалку на број, се причина за или полуосветлени или наполно темни улици по кои со страв се стигнува до станбените згради во некои од скопските општини. Неосветлените улички им го отежнуваат живеењето на граѓаните кои ги обвинуваат општините за неодговорност.
Жители од општината Чаир велат дека има улици во Топанско Поле кои со месеци се неосветлени и бидејќи се наоѓаат во внатрешноста на населбата за нив движењето во вечерните часови е вистински хорор. Во темница се и жителите на Топаана. Жителка на Кисела Вода, пак, веќе неколку дена забележала дека е неосветлена улицата „Венјамин Манџуковски“, а за жителите на Карпош е нејасно зошто е темен делот од булеварот „Партизански одреди“ кај поликлиниката „Букурешт“ и по мостот „Обединети нации“.
„Улицата ’Ѓорги Поп Христов‘ е во тотален мрак веќе извесно време и навечер страв ни е да отидеме до продавница. Рано се стемнува и децата се плашат да си дојдат сами од училиште. Дел од канделабрите се со прегорени сијалици, а некои, пак, се искршени и сето тоа ни го отежнува нормалното живеење“, вели Слободанка Милева, жителка на Топанско Поле.
„Точно е дека не се доволно осветлени улиците ’Ѓорги Поп Христов‘, ’Методија Митевски‘ од број 9 до 12 и малата уличка ’Никола Грчето‘ зад ОУ ’Рајко Жинзифов‘. Работиме на отстранување на проблемите и на ’Август Цесарец‘, каде што треба да се смени електричен кабел што беше одамна скинат. Кабелскиот оператор ни прекина кабел и на улицата ’Ресенска‘ во Чаир, поради што во темница се четири станбени згради. Во Топаана ЕВН ставаше нови столбови и ги остави каблите да висат, велејќи дека не е нивна работа да ги поврзат“, вели Влатко Слезенковски, одговорен за осветлувањето во општината Чаир.
Од Одделението за односи со јавноста во Градот тврдат дека надлежните служби за јавно осветление континуирано ја следат состојбата и благовремено преземаат мерки за отстранување на евентуалните дефекти. Проблемите на „Партизанска“ биле забележани, а се работело за мрежни проблеми на трасата, за што биле известени надлежните за одржување на електродистрибутивната мрежа од ЕВН. Од Градот велат дека веќе подолг период, по замената на светилките, не се забележани дефекти поврзани со прегорување. |