Убавата латино-ѕвезда му забранила на својот сопруг, пејачот Марк Ентони, да ја гледа додека ги снима секси сцените од филмот „Резервен план“. Во овој проект Џенифер толкува улога на жена што очајно сака да забремени. „Не сакав да го измачувам. Тој навистина не треба да ме гледа како се задоволувам со друг маж на кујнската маса. Впрочем, воопшто не сакам да снимам такви сцени, поради нив се чувствувам непријатно и засрамено“, рече убавата артистка и пејачка во интервјуто за „Гала“. Мајката на двегодишните близнаци, Макс и Ема, додаде дека воопшто не и' е проблем да го покажува телото за време на снимањето, бидејќи е задоволна од својата фигура. Иако не држеше некои посебни диети, сепак, Џенифер по породувањето се потруди да се врати во препознатливата форма. „Многу вежбав. Се борев да ги симнам и последните девет килограми со тоа што го изменив начинот на исхрана, но не бев на диета, бидејќи таа забранува консумирање леб, а јас го обожавам“, рече 40-годишната ѕвезда.