„Едиторс“
Експлозивна љубов за музика во живо
Да, да во право е Том Смит кога вели дека „Едиторс“ на албумите се' уште целосно не ја пренеле динамиката што ја имаат на настапите во живо. Заборавете на скокање пред огледало или на улица со музиката на „Едиторс“ во уши, нема ај-под или ЕМ-ПЕ 3 што од вас ќе извадат енергија како онаа кога во живо ќе ги слушнете „An end has a start”, „Racing Rats”, „Munich”, „You don't know love”, „Smokers outside hospital doors”, „The Big Exit” и „Papillon”. Публиката во Скопје, во клубот „Колосеум“ во саботата не застана мирно час и половина, колку што траеше настапот на бендот. Атмосферата може да се опише само како интимна. Клубот беше полн, но не толку да се чувствуваме како заробени, што секако придонесе публиката повеќе да ужива во концертот.
Светски познатите „Едиторс“ беа како дел од друштвото со кое се чекавте пред влегување на концертот. Впрочем, така и дојдоа до „Колосеум“, така и стапнаа на сцена. Останавме збунети кога пред почетокот на концертот, пред „Колосеум“ се паркира такси-возило, што повеќето не го забележаа, а по десетина секунди да сфативме дека фронтменот на „Едиторс“, Том Смит, излегува од него и влегува во клубот. По неколку минути така пристигнаа и останатите членови на бендот. Второто изненадување беше нивното појавување на сцената. Публиката чекаше, точно во 20.30 часот почне најавената предгрупа, но и по повеќе од 40 минути мрдавме само на музиката што ја пушташе клубот. Додека се обложувавме дали малите играчки-фигури што беа наредени на звучниците ќе и' ги фрлаат во публиката или не, на сцената излезе група. Сите очекувавме да бидат најавените „The Glasses” од Косово. За момент онемевме кога ги видовме „Едиторс“ на сцената. Но, само за момент и почетокот со „In the light and this evening“ беше како штипнување што те освестува при неверување за тоа што реално се случува. Час и половина Том Смит и „Едиторс“ флертуваа со публиката. Флерт толку добар што дури и песните од последниот албум по концертот постојано ни се вртат во глава. Изненади и од изведбата на „Bricks and mortar” во живо, која на последниот албум звучи сосема млако, беше причина да им простиме на „Едиторс“ затоа што во последно вр��ме одлучија да експериментираат со електронскиот звук. Концертот беше надреален, експлозивна љубов, интензивен, длабок поглед во другиот без трепнување. (М.П.) |