Тодоров дели совети за пожарите
Министерот за образование и наука, Никола Тодоров, се амнестира од одговорноста да бара причина за пожарите кои се' почесто избувнуваат во училиштата. Наместо тоа, им препорача на училиштата да се осигурат.
„Ние не сме орган што бара виновници и утврдува вина. За тоа има органи во рамките на државната управа надлежни за такви истражни или предистражни дејства. Апелираме за внимателно, сериозно и домаќинско ракување со образовната инфраструктура и апелираме сите објекти во образованието да бидат осигурани. Единствено можам да бидам среќен што во ниту еден случај досега немало човечка жртва. Тоа е најбитно“, изјави вчера Тодоров, коментирајќи ги причините за завчерашниот пожар во Основното училиште „Вера Јоциќ“ во скопската населба Хиподром, при што изгореа неколку училници.
Неговиот апел до училиштата да се осигурат го оправда со примерот на училиштето во Росоман, кога поради силно невреме бил однесен покривот, па училиштето било реновирано само поради тоа што било осигурано.
За училиштето „Вера Јоциќ“ министерот рече дека, исто така, ќе биде реновирано, бидејќи е осигурано, па затоа осигурителната компанија ќе ја надомести штетата. Веднаш по избивањето на пожарот, Тодоров се сретнал со директорката на училиштето „Вера Јоциќ“ и со градоначалникот и направиле распоред за изведување на наставата. Според него, наставата по опожарувањето на училниците ќе се одвива во кабинети се' додека не се санира кровот.
Тодоров негира дека компјутеризацијата на училиштата со застарена инсталација била причина за пожарот во Хиподром. „Не треба да се поврзува така. Беше недела кога компјутерите не се користат. Веројатно станува збор за нешто друго, но, сепак, за тоа ќе треба да одговорат надлежните органи“, појасни тој.
Министерот го оцени како исклучително успешен проектот за модернизација на училиштата, најавувајќи дека имаат изработено студија со која се планира реновирање на сите основни и средни училишта.
„Во овој три-четири годишен период во образованието се инвестирани околу 1,5 милијарда денари, што е за три пати повеќе во однос на претходните четири години. Но, тоа не е доволно и треба да се продолжи со сериозна инвестициона активност во оваа сфера“, изјави Тодоров. (Ж.Х.З.) |