Секој четврт тендер поништен
Во корупција се губат 40 отсто од парите за јавни набавки
Катица Чангова
Јавните набавки се отворено поле за корупција, а злоупотребите во оваа сфера ескалираат. Поништен е секој четврти тендер, усвоена е секоја трета жалба. Компаниите се' поретко учествуваат во постапките. Главна причина за отсуство на конкуренцијата се дискриминаторските и манипулативни критериуми што обезбедуваат работа само за однапред избрана фирма. Иако спогодбите во четири очи значително ги поскапуваат јавните набавки, тие стануваат доминантен и најомилен начин за давање бизнис. Ова се само некои од слабостите што ги детектираше кварталниот извештај на Центарот за граѓански комуникации врз основа на мониторингот на процесот за јавните набавки во земјава, во периодот април-јуни годинава.
„Наместо подобрување, имаме влошување на процесот со јавните набавки“, констатира Вања Михајловска, антикорупциски експерт. Според неа, намалената конкуренција е сериозен сигнал што треба да ги загрижи и Бирото за јавни набавки и Министерството за финансии, особено ако се има предвид привлекувањето инвеститори од странство.
„Од случајно избраниот примерок на 40 постапки за јавни набавки од институции на централно и на локално ниво, целосно се пониш��ени девет“, истакна Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации, презентирајќи ги резултатите од анализата. Според неа, намалениот број понуди упатува на постоење некакви бариери во сферата на јавните набавки, кои ги обесхрабруваат компаниите. Таа коментира дека тендерите се поништуваат ако не излегуваат математиките во изборот на компаниите.
Најчесто образложение за пропаѓање на тендерите е тоа што не била поднесена ниту една прифатлива понуда, но без да се даде детално објаснување. Врз оправданоста на честите поништувања фрла сенка податокот дека просечниот број компании што учествувале на поништените постапки – 7,7 е речиси двојно поголем од просечниот број фирми што учествувале во постапките во кои е извршен избор на најповолна понуда – 4,2. Нејасно е како договорните органи не можеле да изберат најповолна понуда во постапки меѓу 2 и 16 компании, а од друга страна, немале никакви дилеми да одлучат дека најповолна е единствената понуда. Вакви се 10 проценти од мониторираните постапки на Центарот за граѓански комуникации. Имаме нетранспарентна постапка за склучување директни договори за јавни набавки без објавување на оглас. Во мониторираниот период биле склучени 172 договора во четири очи вредни 6,1 милион евра, или 49 проценти повеќе од истиот период лани кога биле склучени 231 договор со откупна вредност од 4,1 милион евра.
Драго Кос, поранешен прв човек на Антикорупциската комисија нагласи дека во корупција се губат 40 проценти од парите што се планираат за јавните набавки. „Јавните финансии се соочуваат со приватниот интерес. Луѓето што склучуваат договори вредни милиони евра поинаку се однесуваат со буџетските пари, а поинаку кога станува збор за личните финансии“, истакна претседателот на Групата на земји за борба против корупцијата при Советот на Европа - ГРЕКО, Драго Кос. Тој рече дека постапките треба да бидат брзи, ефективни и објективни, а потребно е да постојат и специјализирани лица за јавни набавки, кои ќе можат да го анализираат постојното законодавство од аспект на борбата против корупцијата.
Претседателот на Антикорупциска комисија, Илми Селами, смета дека Македонија има одличен закон, но наспроти тоа, набавките стануваат се' попроблематични. „Без реална политичка волја за да се спречат процесите во однос на корупцијата во оваа област, не ќе можеме да имаме ефекти и резултати во работењето“, нагласи Селани. |