Годинава поскапо и авансното рентање велосипеди
Наместо 10 денари еден час изнајмување ќе чини 15 денари, а уплатениот аванс ќе биде гаранција за велосипедот
Деспина Трајковска
И годинава скопјани ќе имаат можност да рентаат градски велосипеди, но со авансна уплата и поскапо од лани, па наместо 10 денари за час ќе плаќаат 15. Ова се дел од новините што, најверојатно, ќе се воведат како дел од проектот „Изнајми велосипед“, со цел возниот парк на ЈП „Градски паркинг“ да се заштити од кражби и од други злоупотреби. Поучени од искуството стекнато минатата година кога проектот сефте се воведе во нашиот град, во претпријатието уште отсега го надградуваат за да се надминат ланските проблеми. Иако се свесни дека авансот што евентуално ќе треба да се уплати за да се најми велосипед ќе биде непопуларна мерка, надлежните сметаат дека граѓаните ќе имаат разбирање.
„Тоа е една од опциите што размислуваме да ја воведеме како гаранција ако велосипедите не се вратат, или ни бидат вратени во половна состојба. Иако не планираме авансот да биде симболичен, сепак, нема да биде ни преголема сума за да не се доведеме во ситуација да опадне интересот за велосипедите. Размислуваме и деловите од велосипедот да ги маркираме за да утврдиме нивна евентуална замена од страна на корисникот. За овие две опции, како начини за заштита, наскоро очекуваме согласност од Управниот одбор на ЈП, а потоа и од Советот на Град Скопје. Сметам дека ќе ја добиеме поддршката ако се има предвид дека проектот го истуркавме со загуби, поточно остваривме промет од 120.000 денари, а само за поправка на велосипедите имавме расходи од 150.000 денари, притоа не пресметувајќи ги другите тековни трошоци за проектот“, вели Борче Јакимовски, директор на ЈП „Градски паркинг“.
Тој информира дека наместо досегашните 70 велосипеди за изнајмување ќе има уште најмалку 100 нови и тоа не само „обични“, туку и детски и двојни велосипеди, односно со две седишта. Во проширувањето на возниот парк претпријатието ќе учествува со 500.000 денари, а нови велосипеди ќе набави и Градот, благодарение на добиената донација од Кина во висина од 600.000 денари.
Надлежните договориле да го зголемат и бројот на пунктовите за изнајмување, па освен од плоштадот „Македонија“, пред „Треска“ и пред ТЦ „Бисер“ во Аеродром, велосипеди ќе можат да се изнајмуваат и од паркинзите на ЈП „Градски паркинг“ во Ѓорче Петров и кај Транспортниот центар.
Инаку, и претстојнава сезона за „Изнајмување велосипед“ ќе важи истото работно време како и лани, што значи велосипед ќе може да се изнајмува секојдневно од 7 до 23 часот. Градски велосипед ќе може да користи секој полнолетен граѓанин со приложување лична карта. Проектот годинава ќе стартува на 1 април. |