Никако да започне судењето за убиството во Ореше
ВЕЛЕС - Во Основниот суд во Велес и на второто рочиште не започна судскиот процес против браќата Ордан и Љупчо Георгиевски, кои се товарат дека пред три години во Ореше го убиле седумдесет и четиригодишниот Лазо Милошевски. Причината и овој пат беше тоа што во судот не се појави Ѓоре Петровски, кој полицијата смета дека е нарачател на убиството. Тој се' уште се наоѓа во САД и за него е започната постапка за екстрадиција.
Адвокатот на Петровски, Коста Нојков, го информираше велешкиот суд дека од контактите со американскиот бранител на Петровски, Карлос Спектор добил информација дека следното рочиште на кое Петровски ќе треба да даде исказ во Ново Мексико, е закажано за 21 октомври годинава. Судот, пак, од Министерството за правда добил писмо дека тие доставиле ургенција за постапката за екстрадиција на Петровски од САД во Македонија и дека дополнително ќе бидат известени.
Дали за Петровски ќе биде одобрена екстрадиција се' уште не се знае, па адвокатите на браќата Георѓиевски побараа од јавниот обвинител по добивањето на оваа информација, да дозволи или постапката да биде раздвоена или на Петровски да му се суди во отсуство. Јавниот обвинител Ивица Ефремов побара материјален доказ дека рочиштето во Америка е закажано за во октомври, па дури потоа ќе донесе одлука за понатамошниот тек на процесот. По ова, рочиштето беше презакажано за 25 јуни.
Браќата Георгиевски побараа од судот процесот да се забрза оти тие се долго време во притвор, но и дека здравјето им се влошува. При излегувањето од судот, рекоа дека набрзо ќе се дознае вистината оти тие не се убијците на Милошевски. (С.Ќ.Н.) |