Број 2936  сабота, 14 март 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Претходен број


Site Meter
Скопје

Шестмина во борба да ја наследат градоначалничката на Центар

Eдинствена жена е Јорданка Лоле Николовска, која ја има поддршката од либералите на Андов

 

Деспина Трајковска



Шест кандидати ќе се борат за градоначалничката функција на централната скопска општина која актуелната градоначалничка на Општината, Виолета Аларова, ја препушта по два мандата. Ова е една од ретките општини во која нема независен кандидат.

Фаворитот на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Тодоровиќ, и' е добро познат на јавноста како сопственик на маркетите „Тинекс“, кој со овој семеен бизнис се занимава од 1994 година, иако по струка е градежен инженер. Тодоровиќ не прави сефте во обидот да стане градоначалник. На претходните избори доживеа фијаско во трката за Кисела Вода, како кандидат на ДА. За тој период не сака да зборува. Убеден е дека ќе стане прв човек на Центар, оти е докажана личност во остварувањето на своите идеи, а и зад него стои силна партија.

Политичката поддршка на кандидатите не треба да е пресудна, смета адутот на коалицијата на СДСМ, Мирослав Вуиќ. „Граѓаните првенствено треба да гласаат за личност“, додава Вујиќ, познат адвокат со 20-годишно искуство. Одлучил да се кандидира за градоначалник, тргнувајќи од идејата оти во Центар, конечно, треба да се случи „вистинска“ урбанизација и туристичка промоција на општината. Доколку стане градоначалник, ќе биде принуден да се откаже од адвокатурата, но ни на крај памет не му е да го запостави спортот. И понатаму со задоволство ќе го држи приматот на најстар сноубордист во државава, а ќе наоѓа време и за скијањето во кое е вљубен од шестата година, како и за тренинзите што ги држи во еден карате-клуб. Вуиќ на шега вели дека е опасен играч на секое поле, имајќи во предвид дека освен знаењето и интелигенцијата, носител е и на црн појас.

Сосем сериозно градоначалничката кандидатура ја носи и Емин Унџел, кандидат на партијата на Љупчо Јордановски. Меѓу народот е познат како Селим Селими од хумористичната емисија „Хихирику“. Унџел, кој на овие избори трча под мотото „Човекот од скопската калдрма“, 85 отсто е сигурен дека ќе влезе во вториот круг. На граѓаните не им ветува дека ќе им ја направи општината европска, туку ќе се труди барем малку таа да добие достоен изглед.

Љубомир Медарски, пак, кандидатот на ВМРО-НП, е свесен дека нема реални шанси за успех на изборите. Сепак, овој дипломиран машински инженер-енергетичар ќе се обиде да стане градоначалник и доколку успее, првенствено ќе го реши проблемот со паркирањето. Ако не, тогаш и понатаму ќе продолжи да го води приватниот бизнис - монтирање и продажба на пумпи и пречистителни станици.

Обид да седне во градоначалничката фотелја прави и економистот Димитар Илиевски како кандидат на СДУ. Член е на оваа партијата од нејзиното формирање откако претходно, вели, ги „прошетал“ СДСМ и НСДП. Илиевски досега немал позначаен политички ангажман. Во периодот од 1996 до 2000 година бил претседател на Советот на Општина Центар. Роден е 1957 година и вработен е во ЈП „Македонија пат“.

Јорданка Николовска е единствената жена-кандидат која ќе се обиде да ја замени досегашната градоначалничка на Општина Центар, Виолета Аларова. Николовска, која сите ја знаат како Лоле, не е член на ниедна партија, но сега ја има поддршката од либералите на Андов. Шармантната Лоле е родена 1963 година, по професија е правник и е вработена во Здравствен дом-Скопје. Доколку стане градоначалник, уште првиот работен ден ќе почне да го средува хаосот со летните тераси, нехигиената по улиците, како и проектот за стерилноста на плоштадот и Камениот мост да станат минато. Лоле е семејна жена, мајка на син и ќерка, која секое слободно време го користи за посета на изложби и концерти. Колекционер е на уметнички слики од автори од нејзината генерација. Сака да игра тенис, а зиме секој слободен миг го користи за скијање.

 


Статијата е прочитана 381 пати.

Испрати коментар

Од: Viktor
Датум: 14.03.2009 12:02:22
Сосем сериозно градоначалничката кандидатура ја носи Емин Унџел!
Од: Goran Stojan
Датум: 15.03.2009 23:01:44
Napred nasi ovija se plasat bre nacalnici dastanat umrenite dastanatli treba!?

Најди! во Утрински
Скопје
Нов шалтер на Катастарот во Аеродром
Костовски ќе биде кривично гонет ако го потпише договорот за трамвај
Опремени две бањи во Домот „11 Октомври“
Крводарителна акција во Карпош