Број 3443  сабота, 27 ноември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил








Site Meter
Култура

Исцелителската моќ на Рубенс Корубин

Корубин ни врати скапоцености кои ни се одземени, кои ни ги уништија, а кои не толку одамна беа дел од нас

Глигор Стојковски

Отсекогаш ме фасцинирала првата реченица од романот што почнувам да го читам. Според неа, на некој начин го одредувам првичниот однос и кон книгата и кон авторот, посебно ако првпат се сретнувам со нив. А потоа, се случува, на таа реченица да наидам во разни други текстови, или повторно да ја сретнам во самиот роман, посебно кон неговиот крај. Па така, познатата прва реченица во „Ана Каренина“ често се цитира во разни анализи, прилози, предговори и поговори. Илија Пенушлиски, пак, не само првата реченица туку сета прва страница од „Моби Дик“ ја знае напамет, а оној што ќе ја прочита првата реченица од „Папокот на светот“ од Венко Андоновски, не верувам дека ќе престане да го чита романот.

Една таква прва реченица деновиве ми го привлече вниманието. Таа прва реченица е од романот „Фердидурке“ од Витолт Гомбрович и гласи вака: „Во вторникот се разбудив во она празно и одвај забележлива доба, кога ноќта е веќе помината, а муграта се' уште не зела замав“. Во овој вторник, мене, пак, ми се чини дека Рубенс Корубин во изминатите триесет дена влезе во нас во едно токму таква доба од нашите животи - „празно“, што можеме да го разбереме како зачувано, незагадено, спасено од напливот на агресивноста и дрскоста на времето и просторот во кои живееме, за да може целосно, без остаток, да се всели во него, а потоа долго оттаму да ја ослободува својата дискретна, бескрајна светлина, својата тивка топлина, оној шепот што не' исполнува со смиреност, кој упорно, ден и ноќ ќе ни го враќа одземеното, искинатото спокојство. И „одвај забележливо“ за да укаже на посебноста на мигот, на суптилноста и интимноста, зашто секој ќе треба сам да одлучи дали ќе ги прифати платната на Корубин, неговите бои и форми, приказните и ликовите, видливото и невидливото во нив. Таа одлука не е едноставна: ако биде позитивна, тогаш тоа ќе значи еден вид признание за исцрпеноста, за залудноста, за неисполнетоста на животите што ги живееме, незадоволство, тивок бунт.

Рубенс Корубин во овие триесет дена, ширеше енергија со исцелителска моќ, едно тивко, ненаметливо, закрепнувачко дејство. Тој, имено ни врати скапоцености кои ни се одземени, кои ни ги уништија, а кои не толку одамна беа дел од нас. Иван Џепаровски во предговорот на монографијата нив мошне добро ги посочува: тоа се убавината, добрината, доблеста, љубовта, светото, семејството. Корубин ги втисна во оној безвоздушен простор пред муграта за да можат да лебдат потоа сиот ден над нас и да не враќаат назад кон себеси. И да продолжи тој процес на возобновување во следните и во сите натамошни деноноќија. Се преморивме, се чини, од нивното отсуство! Толку голема празнина, толку многу нивни имитации, толку бледи копии! И толку многу залажувања, поединечни и заеднички, дека можеме, дека ќе можеме, себеси, пред с, да се дочуваме, да обезбедиме доволно смисла, барем толку колку да останеме на површината на човечноста. Оти, постојано ни одѕвонуваат во свеста стиховите на Есенин и Мајаковски, во оној нивен познат поетски дијалог за тоа, што е потешко: да се живее или да се умре.

Оскар Вајлд го почнува својот знаменит роман „Сликата на Доријан Греј“, со еден предговор, чија прва реченица е - „Уметникот е творец на убавото“. А, втората - „Целта на уметноста е да ја открие уметноста, а да го прикрие уметникот“. Иако, како што, повторно, вели Џепаровски, „убавината на почетокот на ова столетие не е во мода“ - таа во на платната на Рубенс Корубин е толку супериорна што теориите од секој вид, и реалните и нереалните, и природните и вештачки накалемените, ги потчинува и ги прави беспредметни. Тој е во директен дослух со Оскар Вајлд, и не само со него туку со сите, истородни по дух, кои темелните вредности на животот ги сметаат за темелни вредности и на уметноста, зашто тие една без друга не можат.

Рубенс Корубин како да сака да ни каже: Не слушајте ја вревата, не трчајте, нека не ве тревожат лажните стакленца на големите светилки обесени среде раскошот на новите куќи, не зборувајте по цел ден - секој ден... вие не сте тоа, вие сте поинакви. Вие сте - т и ш и н а - налик на онаа беспрекорна, величествена тишина на сликата на Корубин во која е обвиен чудесен манастир. Тишината, сепак, секому (или, поточно, на оној кој сака) ќе му ги каже вистинските зборови.

Нашиов голем уметник, не потсетува на уште нешто, или, поточно на некој кој исто така ни е одземен: на романтичарот што седи во секој, или барем во повеќето, нека биде и во дел од нас. Колку и да не е ова време за нив - за романтичарите, толку во она „одвај забележливо доба“ се отсликува нивната природа. Неа ја сретнуваме и овде, на овие платна, а на неа постојано н потсетува и Бодлер: „За мене романтизмот е најсовремениот, најновиот израз на убавото“.

Со такви изрази не опсипа деновиве, не опсипува години наназад, ќе го прави тоа, секако, и натаму нашиот современик, големиот македонски сликар - Рубенс Корубин.


#
Статијата е прочитана 1079 пати.

Испрати коментар

Од: katerina
Датум: 27.11.2010 16:05:06
tokmu taka ja doziveav izlozbata, ja posetiv nekolku pati, blagodarnost za umetnikot so zelbi za ushte pogolem uspeh...lek za dushata.
Од: inteleket
Датум: 27.11.2010 19:51:02
prekrasno!izdrzano...so cuvstvo..bravo profesore rubens!uste mnogu izlozbi i monografii...od vas treba mnogu da ucat!!!
Од: Alien from Space
Датум: 28.11.2010 12:10:07
Супер!Поред лековити споменици,си добивме и исцелител!Сега, за народот нема да има зима!Ќе ни биде здрав како дрен! ****P.S.Секоја чест на Р.Корубин,но текстов воопшто не кореспондира со неговата прекрасна уметност!Авторот би би требало да внимава и друг пат да не пишува глупости!

Најди! во Утрински
Култура
Потребен ни е релевантен Филмски фонд
Јубилеј на квартетот „Драган Даутовски“
„Моќта на судбината“ со диригент од Италија
 


Former Bulgarian minister denied US entry visa
Second Bulgarian commissioner awarded European of the Year
Croatia spends millions on improving transport network