Потребен ни е релевантен Филмски фонд
Филмаџиите мислат дека е добро Владата да дава средства за филмот, но оти е потребна стратегија
Сунчица Уневска
Столе Попов и Дарко Митревски добија дополнителни средства од Владата за нивните проекти, два милиони евра за „Приказна од Дивиот Исток“ и еден милион евра за „Трето полувреме“, што претходно ги поддржа Филмскиот фонд со максималниот износ од 500 илјади евра. Владата тоа веќе го направи за последните филмови на Милчо Манчевски, а сега повторно одобри средства надвор од процедурата воспоставена од страна на Филмскиот фонд, за филмови, како што беше образложено, од национален интерес.
Оваа одлука, како и претходните, кога се работеше за Манчевски, кого многумина веќе го прогласија за државен режисер, беше исто така дочекана со многу сомневање и различни реакции. Особено кога станува збор за филмот на Столе Попов, кој беше поддржан на првиот конкурс на Фондот, односно на почетокот на 2008 година и веќе се поставуваа прашања дали ќе му биде одземен, бидејќи досега, иако изминува третата година, нема никаква транспарентност или информација околу овој проект. „Трето полувреме“ пак, ја доби поддршката во 2009 година и, за разлика, од претходниот се развива многу потранспарентно. Но, како и да е, овие одлуки кренаа голем прав и предизвикаа бројни прашања? Како ќе се одредува националниот интерес, значи ли тоа дека и другите проекти треба да чекаат да ги финансира државата, дали можеби се враќаме на некое друго време кога имаше привилегирани режисери и дали е ова директен упад во работата на Фондот, односно уривање на принципите кои државата сама се обидува да ги воспостави?
Филмскиот критичар Влатко Галевски вели, дека ако пред формирањето на Филмскиот фонд постоеше хаос и ситно политикантство во распределбата на парите за филмско производство, од постоењето на Фондот, финансирањето на филмски проекти стана активност од „национален интерес“ во која државата си дозволи директно, речиси бесрамно, неприкосновено право да го крши правото кое таа го востановила. „И за оние со голем диоптер видливо е дека Фондот од почетокот е само обична канцеларија на крајот на административниот ходник преку која се извршуваат одлуките донесени на повисоки инстанци, Министерството за култура, и уште повисоко, директно од кабинетот на премиерот. Фарсата за некаква правична и транспарентна распределба на филмските пари оди дотаму што кабинетот си го дозволи ’дискреционото‘ право директно да проценува, и сходно на тоа, да одобрува народни пари за филмски проекти од кои таа, врвната власт, ’верува‘ дека ќе излезат добри филмови“, нагласува Галевски, додавајќи дека на тој начин вонинституционално е прескокната сопствената маша. И, наместо преку Фондот, како што додава Галевски, барем делумно да се заштитат од директна вмешаност и нетранспарентност во своето делување, извршната власт си го девалвира и на овој, филмски план, и онака разнишаниот кредибилитет во однос на оправданоста на дузина зафати во областа на културата.
Филмските работници немаат против да се вложува во културата, туку она што е симптоматично за сите, е како ќе се одреди тој национален интерес.
Претседателот на Друштвото на филмски работници, Горјан Тозија, вели дека во услови на нефункционирање на Фондот, поддршката на проекти од национален интерес е едно бај-пас решение, додека Фондот не оформи критериуми. „Добро е што некои од понудените проекти Владата ги препозна и ги финансира, но сигурно треба да се води сметка, бидејќи не треба да се дадат средства на секого“, вели Тозија. Тој смета дека е навистина тешко да се најдат копродукции, особено за една мала земја како нашата, и дека ние не треба да се лимитираме.
Такви решенија, за креирање национален интерес и промоција на македонскиот имиџ, Тозија мисли дека се потребни во сите области, не само во филмот. Токму затоа, според Тозија, важно е да има релевантен Филмски фонд и прави луѓе кои ќе можат да го препознаат националниот интерес на понудените проекти. „Фондот нема капацитет, тој во овие години не произведе македонски филм. А средства треба да се даваат, само прашањето е на кого“, категоричен е Тозија.
Роберт Насков, кој е продуцент на „Трето полувреме“, вели дека не гледа ништо лошо државата да дополнува средства, ако смета дека е од национален интерес, со оглед на тоа што Филмскиот фонд е лимитиран. А за тоа како да се одреди националниот интерес, тој вели, дека секоја Влада има право да го одреди. Ако тоа значи дека филмот треба да ја отсликува македонската историја и нејзиниот национален идентитет, тој смета дека и двата филма што добија поддршка, тоа го имаат.
Но, она што е интересно е дека доделувањето на средства, како што ни рече Насков, не значи и изземање на обврската да се најдат копродуценти. Напротив, тој додаде дека е обврзан да најде копродуценти, инаку нема да ги добие одобрените средства. „Важно е да има стратегија и мислам дека Владата ја има, за разлика од Фондот“, вели Насков додавајќи дека, одобрените средства и националниот интерес создаваат уште поголема обврска тоа да се оправда.
Наспроти сето тоа, директорот на Фондот, Дарко Башевски, зборува дека сето тоа е дел од стратегијата, односно дека буџетот на Филмскиот фонд е релативно мал и затоа била донесена одлука за максимален лимит. „Ваквата одлука ја сметам регуларна, бидејќи со тоа Владата поддржува значајни автори и го помага развојот на македонската кинематографија. Овие проекти беа одобрени од страна на Фондот, но таа поддршка беше премала бидејќи се работи за историски филмови со висок буџет. Затоа ова беше неопходно, за тие проекти да имаат потенцијал да обезбедат реални копродуценти“, изјави Башевски. Освен тоа, Башевски смета дека овој начин на финансирање може да доведе до зголемување на буџетот за филмска дејност, бидејќи одобрените средства ќе одат преку Филмскиот фонд.
И режисерот Јани Бојаџи мисли дека е добро да се вложи во културата. Но, прашањето е, според кои критериуми? Тој нагласува дека основниот проблем е во Фондот, бидејќи со него се управува автократски, а без доволно знаење. „Што произведовме во овие години, дали имаме национална кинематографија? Романија има национална кинематографија, во нивните филмови можете да видите карактери, конфликти, мотиви, можете да го видите животот во Романија, нивните филмови имаат национален идентитет. Истото се однесува и на турските филмови, па и на хрватските, кои се осврнуваат на состојбата по домовинската војна или на словенечките, кои зборуваат за отуѓувањето и загубеност во Европа. Додека македонските филмови немаат идентитет, немаат вистински протагонисти, во нив не можете да видите каде и како тие живеат“, вели Бојаџи. Според него, страшно е што во овие пет години од работата на Фондот, вие немате филмови што имаат некаков заеднички именител и низ кои би можеле да ја препознаете земјата од каде што доаѓаат. |