Животот веќе не вреди ни пет пари

Секојдневни убиства, крвави грабежи оружени пресметки влеаа страв меѓу граѓаните
Горан Адамовски
Караница за фудбал, причина да заиграат и пиштоли. Лихварски долг, мотив за крвав поход од едниот до другиот град на Скопје. Љубомора завршува со трагична смрт на двајца мажи. Сиромаштијата и несредената егзистенција резултира со насилство во семејството. Психичкото растројство доведува до брутално изживување врз недолжни луѓе. Грабежите во банките, менувачниците, а од завчера и на пари од патарини, во кои неретко има и жртви - станаа секојдневје.
Земјава е погодена од незапамтен број насилства и злосторства. Граѓаните навикнаа првите неколку вести од дневниците и од весниците да бидат од црната хроника. Убиствата се бројат статистички. Меѓу народот завладеа хипноза, страв да се мине на улица...
Премногу оружје е присутно на пазарот и во домовите - тоа е општ впечаток на психијатри, доктори, експерти... Секое трето семејство во Македонија има по едно парче оружје, предупреди невладината организација „Цивил“ по повод Меѓународната недела на акција против вооруженото насилство. Оттаму посочија дека според една статистика од 2003 година, од 110.000 до 170.000 граѓани во Македонија нелегално поседуваат оружје, а 70.000 парчиња оружје се издадени со дозвола.
„Култот кон оружјето, растечката политичка и социјална несигурност, а особено радикализацијата на меѓуетничките односи, придонесуваат за загрозувањето на безбедносната состојба во земјата“, изјави неодамна Џабир Дерала, првиот човек на „Цивил“.
Од Министерството за внатрешни работи и натаму уверуваат дека ја држат ситуацијата под контрола. Како што велат, во изминативе три-четири години биле преземени низа успешни акции, во кои биле запленети огромни количини оружје. Дејствувале и превентивно преку кампањи, но и преку измени во законската регулатива.
„Со последните измени во законот на граѓаните им се остава шанса да го предадат оружјето што го поседуваат без дозвола, без потоа да бидат санкционирани. Секако, условот е со оружјето што го предаваат да не било извршено кривично дело“, вели Иво Котевски, помошник-министер за односи со јавност при МВР.
Овие измени во законот се поддржани и од Националната асоцијација за оружје, чиј претседател, Владимир Пандовски, во изјава за нашиот весник оцени дека ќе биде овозможено „функционирање на законот согласно со европските регулативи“.
Но, што е тоа што ги тера граѓаните толку лесно да се фаќаат за оружјето? Од каде им е дрскоста среде бел ден во фрекфентен дел од Скопје да бркаат и да пукаат во комбе што сакале да го ограбат, а чиј возач одбил да запре? Од каде дрскоста вооружен да се влегува во банки и да се рискираат животите на вработените, клиентите, но и сопствениот? Од кога стана толку лесно да посегнеш по нечиј живот само ако криво те погледне?
„Бизарните расправии, како што се нарекуваат во медиумите, не завршуваат с�� убиство. Со убиство завршува кумулираната агресија, а не расправијата за фудбал“, укажува психијатарот Викторија Вујовиќ. Таа појаснува дека расправијата за фудбал може да биде само повод, но не и причина за насилството.
Според д-р Павлина Васкова од Психијатриската болница во скопско Бардовци, освен големиот број нелегално оружје, клучна улога во распадот на системот има нетолеранцијата меѓу народот.
„Тоа што беше патријархално - сега попушта. Не постојат норми на почитување постари, кон лицата со авторитет. Додајте ги алкохолот и дрогата како дополнителна супстанца и ете ја комплетната слика“, смета
д-р Васкова.
Како што укажуваат психијатрите, немилите настани не можеме да ги предвидиме и тие постојано ќе се случуваат, но државата мора да посвети многу поголемо внимание на превенција од насилството.
„Сите тие млади генерации треба да се учат на ненасилно однесување, дека со збор можат да се надминат недоразбирањата. Децата од најраното детство треба да се учат како да ја празнат агресијата со активности што се прифатливи за општеството (спортот, на пример, иако односот на државата кон спортот е никаков) и со кои никој нема да биде повреден. Притоа, не мислам само на физичката, туку на психичката болка што создава лузни на душата, кои не се видливи за останатите, но оставаат вечни траги кај жртвата“, смета д-р Вујовиќ.
Таа укажува дека „биологијата и психологијата не можат да се сменат за еден век“, но мора да се почне веднаш. Граѓаните, пак, имаат само една мала желба: барем еден ден да бидат поштедени од вести за убиства, грабежи и насилство.
Напаѓачите на комбето на „Македонија пат“ се' уште во бегство
„Се работи на случајот, но се' уште немаме конкретни сознанија“, е единствената реакција на МВР во врска со истрагата по завчерашниот крвав напад врз комбе на „Македонија пат“ што превезувало пари од патарините. Како што е познато, двајцата маскирани и оружени напаѓачи, најпрво во близина на наплатната рампа Петровец запреа „берлинго“ на струмичанец што одел кон Скопје, а потоа кога го забележале „пикапот“ на „Македонија пат“, припукале кон двајцата во возилото. Возачот одбил да запре, продолжил кон Скопје, а разбојниците со украденото „берлинго“ тргнале по него. Серијата куршуми биле кобни за 45-годишниот совозач во комбето на „Македонија пат“, а возачот, иако ранет и со изрешетано возило, сепак, успеал да стигне до населбата Автокоманда и да побара помош. Напаѓачите, кои го следеле „пикапот“ до населбата Хиподром, поради страв да не бидат фатени, се откажале од потерата. Го оставиле „берлингото“, а под закана со оружје го одзеле следното возило што наишло и со него избегале кон Кадино. Оттаму им се губи трагата. Парите од патарините не успеале да ги земат.
Од „Македонија пат“ вчера ни изјавија дека директорите заминале на погреб кај настраданиот работник, а дека со официјална реакција за немилиот настан ќе се произнеле денеска. Неофицијално коментираат дека во службените возила не пренесувале големи суми пари, поради што немало потреба да бидат обезбедувани од полицијата. (Г.А.)
|