Ќе се слави и во затвор, ама без алкохол
Засилена исхрана, телевизија и сокови има на менито во „Идризово“ и во „Шутка“
Горан Адамовски
Засилена исхрана, телевизија и сокови. Алкохол никако. Ова е новогодишното мени на штитениците во најголемиот затвор во земјава „Идризово“, како и во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари. Откако на полноќ ќе си ја честитаат Нова Година, имаат фора да останат уште еден час, а потоа ќе се вратат во своите ќелии.
Во затворот „Идризово“, каде што престојуваат над 1.000 осуденици, се подготвуваат за вечерашната прослава.
„Иако во затворот нема некое посебно расположение за веселба, сепак, правиме напори да се одбележи и овој празник“, вели директорот на „Идризово“, Миле Младеновски.
Затворениците ќе слават во рамките на одделението во кое се сместени, бидејќи невозможно и небезбедно е сите да бидат ставени во иста просторија. Младеновски вели дека затворската кујна ќе работи со засилено темпо, па затворениците ќе добијат засилена исхрана со повеќе месо.
Освен тоа, блиските на затворените можат да им донесат вонреден пакет со храна. „Поинаку е во женскиот дел, каде што се сместени педесетина штитенички. Таму е главната кујна, па направија список со продукти што им се потребни (чоколадо за готвење, јајца, брашно) и самите ќе си приготват кифли, колачиња, сарма. Таму е поинаква атмосферата, сите заедно ќе слават, имаат и разглас, па можат да си пуштат и музика“, објаснува директорот на „Идризово“. Тој, како и секоја година, вечерва ќе ги посети затворениците и ќе им посака Среќна Нова година.
Истражниот затвор „Скопје“, вечерва ќе биде донекаде испразнет. Околу две третини од штитениците во отвореното одделение на затворот, кои ги исполнуваат условите, ќе бидат пуштени да си заминат дома и да слават со блиските. „Останатите ќе имаат квалитетна трпеза и ќе гледаат телевизија во заедничките простории“, ни изјави директорката Сузана Гавриловиќ. |