Ноќна тура до Ченто со приватна „23“

„Слобода превоз“ и „Макекспрес“ признаваат дека не учествуваат во пакетот ноќни линии што му се доделени на ЈСП
И приватните превозници самоволно решија да возат по полноќ, а билетот за ноќниот превоз на сопствена иницијатива го наплатуваат 30 денари наместо 25, колку што чини денски. Од приватните претпријатија „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ признаваат дека тие не учествуваат во пакетот ноќни линии што му ги додели Градот на ЈСП. Велат станува збор за самоиницијатива на возачи што возат само една тура на линијата број „23“, која сообраќа од Дом на печат до населбата Ченто, а ја возат возачи на „Слобода превоз“.
Од „Макекспрес“, пак, објаснуваат дека нивните линии со з��верени возни редови завршуваат во 23 часот и по тој термин никој не вози. Цената за ноќно возење е само конкурентна на цената од 40 денари за ноќен билет на ЈСП. Градското претпријатие ноќе вози на линиите „22“, „65 Б“, „2“, „45“, „41“, „5“, „57“, „7“ и „50“. Приватните превозници се оградуваат дека возат на други линии, бидејќи, како што велат, досега никој не го побарал тоа од нив. И покрај порастот на цената на горивото, засега не размислуваат да го поскапат превозот, туку работат на зголемување на бројот на патници.
„Одредени анализи ни покажуваат дека колку и да се качува цената на горивото, нам ни се зголемува бројот на патници. Не е погоден тајмингот да ја качиме цената на превозот. Токму сега наши патници стануваат оние што ги оставаат автомобилите и не можат да платат такси. Ако одиме со повисока цена, тоа нема да биде поскапување од четири до пет денари, бидејќи цената на нафтата влегува со 30 до 40 отсто од нашите трошоци“, вели Ленин Јовановски, директор на „Слобода превоз“. (Сн.К.) |