Што се случуваше во „лирџетот“ над Брисел
Формирана комисија која ќе го испитува вонредното слетување на владиниот авион
Агенцијата за цивилно воздухопловство формира специјална комисија која ќе го испита инцидентот што се случи завчера над Белгија, кога владиниот „лирџет 60“ принудно слета во Брисел поради проблеми со компјутерскиот систем.
Како што соопшти вчера АЦВ, според меѓународните стандарди, операторот на леталото треба да го достави деталниот извештај до Агенцијата најдоцна 72 часа по инцидентот.
Со „лирџетот“ од Брисел за Париз се превезуваше владина делегација, предводена од премиерот Никола Груевски, на закажана средба со францускиот претседател Никола Саркози. Покрај премиерот Груевски, во авионот биле и шефот неговиот кабинет Мартин Протоѓер, двајца членови на владиното обезбедување, двајцата пилоти и еден авиоинженер.
Во текот на дваесетината минути, колку што траел летот, на небото над Белгија се случувала вистинска драма. Притоа, пилотите Александар Дрогрешки, кој има 30-годишно искуство, и Александар Алаѓозовски, кој 25 години управува со летала, и двајцата воздухопловни капетани и инструктори, покажале умешност и присебност и безбедно го спуштиле авионот назад на бриселскиот аеродром.
Авионот полетал во 12,30 часот и по само пет минути, кога бил на височина од 6.000 стапки (околу 1.800 метри), во кабината на пилотите се слушнале зборовите „Не ве гледаме“. Контролорите на летање од Брисел ги известиле пилотите дека владиниот авион не е видлив за бриселскиот радар.
Во исто време, од пилотите било побарано да го вклучат авионскиот транспондер, или да проверат дали тој е во функција. Транспондерот, во суштина, е уред преку кој контролата на летање од земја има увид во движењето во воздух.
Пилотите биле вчудовидени од она што им го кажала контролата на летање и сфатиле дека со авионот нешто не е в ред. Тогаш започнала целата драма, во која патниците, и покрај непријатното чувство, биле присебни. Пилотите ги провериле сите инструменти во кабината, како и параметрите за функциите на авионот. Забележале дека инструментите фиктивно даваат податоци дека авионот е на земја, а не во лет, по што констатирале дека, најверојатно, станува збор за дефект на електронско-компјутерскиот систем и веднаш ја известиле бриселската контрола.
Неофицијално, како што јави МИА, се размислувало и за продолжувањето на летот кон Париз, но пилотите предупредиле дека во кабината притисокот не е во нормала, што би може��о да создаде проблем при евентуално продолжување на летот, затоа што поради проблеми со притисокот се јавувала опасност од неможност за подигнување на авионот на поголема височина и неможност, во евентуална ситуација, за прелетување ниски облаци. По сознанието дека транспондерот не функционира, париските воздухопловни власти побарале авионот да слета на местото од каде што и полетал - во Брисел.
По ова, како што јави МИА, пилотите побарале спуштањето на авионот на бриселскиот аеродром да биде направено по процедура на радарско наведување, при што усно биле водени од страна на, исто така, присебните белгиски контролори.
Тие усно го известувале екипажот на авионот на која висина се наоѓа владиниот „лирџет“, како и за која висина треба да се спушти во првиот момент, како да се спушти на втора позиција итн., се' додека пистата на аеродромот не била видлива за пилотите со голо око, по што авионот бил приземјен. (Д.Р.) |