Димовска молчи за спомениците во Скопје
Според ДКСК, претседателот Иванов не вршел влијание врз студенти како избирачи
Антикорупциската комисија се' уште собира податоци за мегаломанската идеја, изградба на споменици и спомен-обележја во Скопје, тешка десет милиони евра. Од тие причини на вчерашната прес-конференција Мирјана Димовска не можеше да каже ништо околу владиниот проект што упорно се турка преку Општина Центар.
„Треба да се види за што се работи, какви биле процедурите, дали информациите соодветствуваат со фактите. Тие можат да бидат од различни мотиви, меѓу кои и деловен интерес, кој е легитимен. Нам ни требаат повеќе информации и не' интересираат постапките за да видиме кога се донесени одлуки, дали се соодветни и во согласност со законот“, објасни претседателката на Комисијата за спречување на корупцијата.
Таа вчера се пофали дека Антикорупциската комисија работи успешно. Според неа, не се издржани аргументите против ДКСК „кои се пласираат во јавноста од лични мотиви и создаваат притисок“.
Антикорупциската комисија ја соопшти и својата одлука во врска со претставката од опозициона партија дека сегашниот претседател Ѓорге Иванов вршел влијание врз студенти како избирачи. Притоа заклучила дека за време на изборниот процес немало дејствија на влијание врз студентите. Димовска кажа дека станува збор за несоодветно составена претставка.
„Од фактите и од документите произлегува дека немало фактичко дејство и влијание врз студентите. Изјавата на претседателот, тогаш кандидат, била несоодветно составена. Оттука, не стојат наводите за влијание врз студентите како дејство кое би било од законски аспект недозволиво“, нагласи Димовска.
За потсетување, во предизборието опозициона партија го обвини Иванов дека влијаел врз студентите за собирање потписи за неговиот противкандидат во претседателската трка, Нано Ружин.
Веднаш по прес-конференцијата на ДКСК пристигна реакција од опозиционата СДСМ. „Колку и да се обидува Мирјана Димовска, верниот чувар на Никола Груевски, да ги заштитува корупцијата, криминалот и злоупотребите на ВМРО-ДПМНЕ, сепак не може да го избрише јавно соопштениот и од јавноста прифатен факт дека студентите во предизборната кампања биле злоупотребени за собирање потписи за претседателската кандидатура“, се вели во соопштението на опозиционата партија. Со оглед на фактот што во Македонија заради Мирјана Димовска не постои Антикорупциска комисија, сосема се непотребни коментарите околу нејзината послушност и заштита на криминалот и корупцијата на ВМРО-ДПМНЕ, се вели во соопштението. СДСМ смета дека најцелисходно би било одлуките и ставовите на корупционерката Мирјана Димовска и, очигледно, Комисијата за корупција да бидат предмет на анализа и на испитувања на други државни институции како Собранието, Јавното обвинителство и Кривичниот суд.
„Транспарентност“: Антикорупциска има проблем
Антикорупциската комисија има проблем со своето институционално идентификување во системот, оцени невладината организација „Транспарентност - Македонија“ на вчерашната прес-конференција презентирајќи го кварталниот извештај.
„Државната комисија за спречување на корупцијата упорно настојува да го освои просторот на други институции, како што се Јавното обвинителство, Управата за јавни приходи, Државниот завод за ревизија. Но, го остава неодработен просторот што претставува нејзина исклучива надлежност“, велат од „Транспарентност“, посочувајќи на чудната реакција на антикорупционерите за предизборието, во кое основен симбол беше „лопатата во рацете на највисоките државни и локални функционери“.
По завршување на претседателските и локалните избори, како и по сите избори во изминатите две децении демократија, останува отворено прашањето за висината на изборните приходи и расходи на политичките партии, коментираат од невладината организација. „Дискрепанцата меѓу прикажаните средства и извори на средства и она што е реално потрошено во текот на изборната кампања, а не е евидентирано, е запрепастувачка“. (К.Ч.) |