ГОСТИВАР - Во тешка сообраќајна незгода, која се случи на автопатот Гостивар – Тетово, кај клучката Тумчевиште, едно лице загина, а четворица се повредени. Сообраќајката се случи завчера, околу 17 часот, кога патничкото моторно возило марка „мерцедес“, со словенечки таблички, излета од автопатот и заврши во нива. Флорим Исмаили (21) од гостиварски Добридол им подлегнал на повредите на пат кон болницата. Во несреќата се повредени возачот Бурим Алити (31) и уште тројца од Добридол, кои биле на печалба во Словенија. На повредените им е укажана лекарска помош во гостиварската болница и се пуштени на домашно лекување.
Според првичните сознанија на истрагата, причина за сообраќајката била големата брзина со која се движел „мерцедесот“. Во обид да престигне камион, а да не удри во друго возило, возачот на „мерцедесот“ скршнал десно и излетал од автопатот. (К.К.)