Патувајте со ТА „Бран“, но внимавајте
Авторот и' е познат на Редакцијата
Никогаш не сум сакала преку медиум да изнесувам факти, мислење и случки, со кои би се нарушиле честа, угледот и дигнитетот на човекот. Но, ако тој со своето однесување, и покрај укажувањата, не преземе ништо што би било коректив на лошо направеното, тогаш сум принудена јавно да го презентирам случајот како единствена алтернатива. Во животот постојат одредени правила, норми и вредности, пишани и непишани, кои сите ние мораме да ги почитуваме. Но, за жал, денес вредностите се губат, а измамите, некултурата, ароганцијата... стануваат наше секојдневие. За што станува збор?
Во мај 2008 година, во ТА „Бран“ за туристичко патување во странство уплатив 21.900 денари и 55 евра на име виза и осигурување, како што ми беше побарано. Речиси се' ќе беше в ред доколку по една година од патувањето, случајно, во необврзан разговор со еден од сопатниците не дознав нешто што ме остави без збор. Имено, бев известена дека туристичките услуги на име виза и осигурување изнесуваат 45 евра (35 евра виза и 10 евра осигурување), а пензионерите се ослободени од плаќање за добивање виза. Тоа значи дека јас како пензионер (податок познат на агенцијата, кој е содржан во договорот склучен меѓу мене и туристичката агенција „Бран“), најблаго речено, брутално сум измамена. Зашто ми се наплатени 55 евра?
Непријатно изненадена, со чувство на измаменост, отидов во агенцијата и од сопственикот побарав објаснување за постапката, со барање да ми бидат вратени неосновано наплатените пари. Очекував да се огради од постапката на својот внук кој, за волја на вистината, ја наплати спорната сума, но се излажав. Иако во прв момент веднаш прифати да ми бидат вратени 2.800 денари, сценариото кое следеше ја демантира неговата волја за праведност и чесност. Се чудам со каква арогантна леснотија од него и од страна на неговиот соработник, тука присутен, бев навредувана.
Епилог: Не знам зошто на сопственикот му требаше долго време да пресметува, но знам дека бараше начин како повторно да бидам измамена, па ми врати 1.400 денари, помалку од половина од износот кој беше должен да ми ги даде. Заминав без да реагирам, бидејќи нивното однесување беше под нивото на елементарна пристојност. |