Притвор и психијатриско вештачење за докторот-убиец
Докторот Михаило Ламбевски, осомничен за бруталното убиство на својата колешка, решил да се брани со молчење пред истражниот судија
Многу кратко траеше престојот на 62-годишниот доктор Михајло Ламбевски во Основниот суд Скопје 1 каде што беше спроведен на распит пред истражен судија, а под сомнение дека тој е одговорен за смртта на директорката на Заводот за рехабилитација во Скопје, д-р Лилјана Угриновска-Груевска (64). Имено, осомничениот за ова најново брутално убиство, и покрај тоа што во полициската истрага го признал делото, пред истражниот судија решил да се брани со молчење. Непосредно пред неговото упатување во затворот во Шуто Оризари, а по изречена мерка притвор, судијата, кој постапува во овој предмет, издал наредба за психијатриско вештачење на осомничениот Ламбевски.
Злосторството за кое сега се товари Ламбевски се случи во средата, околу 10,30 часот во канцеларијата на Угриновска кога осомничениот со дваесетина убоди од нож ја искасапи докторката, која почина по шестчасовна операција.
Вработените од Заводот беа затворени за каков било разговор. Лекарот-убиец, според приказните на вработените, бил конфликтна личност, како на работа, така и дома. Тој се расправал и со вработените и со пациентите, а понекогаш знаел да биде и агресивен, и тоа, пред се', вербално. Од Заводот во неколку наврати, како што се зборува, осомничениот лекар бил пријавуван во полиција. Но, и покрај ова, директорката, како што дознаваме, го прекривала за да не го избркаат од работа.
Според наши непотврдени сознанија, Ламбевски два пати се лекувал во Психијатриската болница, но два пати бил враќан на работа. Токму во оваа шпекулација може да се најде и мотивот за извршувањето на убиството, бидејќи сега починатата директорка неколку години со дописи до надлежните државни институции укажувала на недоличното однесување на нејзиниот колега.
Само неколку часа по крвавата драма, Заводот за рехабилитација беше посетен од тим од Секторот за болничка заштита при Министерството за здравство за да укаже дека мора да се продолжи со давање здравствени услуги. Од ресорното Министерството најавија и формирање комисија што ќе ги утврди причините за несреќата. Кои се членовите на оваа комисија од Министерството, не ги откриваат. За да се превенираат ваквите ситуации, дали не треба при вработување за лекарите да се бараат лекарски уверенија, особено што работат и со пациенти?
„Во Законот за работни односи се предвидени систематски прегледи со кои се одредува и психолошкиот профил на вработениот. А на секоја година и пол вработените треба да се проверуваат, односно да подлежат на систематски прегледи“, додаваат од Министерството.
Невропсихијатрот Антони Новотни смета дека покрај систематските прегледи, не само за лекарите туку и за другите професионалци што се на поодговорни функции треба да се бара некоја медицинска белешка. „Очигледно, светот полудува. Можеби не лекарско уверение, туку треба да се бара некоја медицинска потврда за здравствената состојба кога се вработуваат лекарите, но и сите други професионалци што имаат одговорни професии“, кратко ни изјави д-р Новотни, кој многу не сакаше да ја коментира крвавата драма во Заводот. (Ј.Ј.-Љ.С.) |