Меѓународна ликовна колонија „Скопје 2010“
На петтото издание на Меѓународната ликовна колонија „Скопје 2010“, која почнува денеска, се очекуваат уметници од Македонија, Турција, Франција, Црна Гора, Словенија и од Хрватска. Како што соопштија од град Скопје, во рамки на годинашнава колонија ќе создаваат Гоце Божурски, Сашо Поповски, Роберт Цветковски, Јулијана Гешоска и Шќипе Мехмети од Македонија, потоа Сандрин Бридие од Франција, Берна Еркун од Турција, Момчило Мацановиќ од Црна Гора, Нарцис Кантарџиќ од Словенија и Славица Марин од Хрватска. Учесниците на колонијата традиционално работат на тема „Скопје“.
Колонијата, што ќе се одржува во центарот на Старата скопска чаршија, во хотелот „Арка“, е дел од програмските активности на градот Скопје за ревитализација на чаршијата. Покровител на колонијата е градот Скопје, техничката организација е на Музејот на град Скопје во партнерство со хотелот „Арка“, кој е и главен спонзор на колонијата. Уметниците ќе работат во специјално подготвени простории за работа во хотелот „Арка“, каде што ќе престојуваат до 30 август годинава.
По завршување на колонијата ќе биде отпечатен каталог и ќе се организира изложба со создадените дела. (К.Р.) |