Никогаш не сум имал лоши мисли за Македонија
Љубомир Левчев, добитникот на „Златен венец“, рече дека десет години мечтаел да ја добие оваа престижна поетска награда
Мики Трајковски
Струга - „Никогаш досега не сум имал лоши мисли за Македонија. Секогаш со љубов сум пишувал за Вашата земја, иако тоа на некои луѓе, како во Бугарија, така и во Македонија, не им одговараше и се' уште не им одговара“, рече 75-годишниот бугарски поет Љубомир Левчев, годинашен добитник на „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“.
Средбата со Левчев го означи и стартот на годинешната манифестација, која започна вчера во Струга со садење дрво во Паркот на поезијата и со Меѓународната поетска манифестација „Меридијани“. Левчев, кој по цели 18 години е повторно во Македонија, вели дека односите меѓу двете држави во овој момент се на многу повисоко ниво од кога и да било порано. „Можам да ви кажам дека односите меѓу нашите два народа полека се средуваат и тие се прилично прочистени. Но, морам да кажам дека тие не се доволно чисти како што се чисти водите на Црн Дрим, од кои може да се пие вода. Во 1992 година прв пат објавив македонска поезија од неколку македонски поети“, рече на прес-конференцијата поетот Левчев.
„Меѓу нашите народи долги години постоеја политички ѕидови, нешто слично на т.н. железна завеса. Сметам дека бугарскиот и македонскиот народ секогаш се хранеле со вистината и затоа сме преживеале се' со што сме се соочувале досега. Патувајќи од Софија до Струга со својот автомобил, пријатно се изненадив од големите промени што ги видов во Македонија. Ваша��а земја е прекрасна, затоа што Господ и' дал многу убавини. Вие не можете да го забележите тоа, но ние странците лесно го забележуваме тоа “, продолжи Левчев, кој пред да почне да се занимава со пишување поезија работел на железничката станица во Софија. Како што вели, тој работел се' што ќе нашол, бидејќи такво било времето.
Левчев имаше многу пофални зборови за „Струшките вечери на поезијата“. Тој изјави дека се чувствува среќен бидејќи по десет години мечтаење, конечно, ја добил наградата „Златен венец“, која за него е најпрестижна поетска награда во светот, а „Струшките вечери на поезијата“, најзначајна поетска манифестација во светот. Живата легенда на бугарската и на светска поезија додаде дека е среќен што се наоѓа овде, во градот што лежи на Дрим, а што во превод од англиски значи „сон“.
Мојот сон отсекогаш бил да седам покрај водите на реката Дрим и да им се восхитувам на убавините на овој град. Отсекогаш сум сакал да доаѓам во Струга поради дружењето со Македонија, со македонските поети и со поетите од целиот свет. Ниту една држава на светот нема искажано толку голема љубов кон нас поетите, како што го прави Македонија тоа. Инаку, меѓународната поетска афирмација на 75-годишниот Левчев почнува токму во Македонија. Неговата песна „Затворениците слушаат музика“ во превод на Гане Тодоровски, е објавена во тогашниот влијателен книжевен весник „Разгледи”.
Левчев е автор е на 50 поетски книги на бугарски јазик, објавени од 1957 до 2007 година во Бугарија и на 70 одделни книги во 34 земји во светот. Левчев е носител на 17 национални и меѓународни награди за поезија, речиси на сите континенти. Организаторите на СВП најавија учество на шеесетина поети од сите страни на светот и на педесетина домашни автори. Фестивалот ќе се осовремени со нови содржини, со мешање на жанровите поезија, музика и сликарство и настап на музичари од Израел, Шпанија, Италија и Србија, кои ќе изведуваат поезија. И годинава во рамките на фестивалот ќе бидат застапени стандардните содржини, поетските читања „Мостови“ и „Меридијани“, портретот на лауреатот Левчев во црквата „Св. Софија“ во Охрид, средбата на млади поети во „Ноќ без интерпункција“, Вечер на национална поезија, која годинава е посветена на азербејџанската, излет на учесниците во комплексот „Св. Наум“ и посета на други градови, по затворањето на „Струшките вечери на поезијата“ на 22 август. Наградата „Браќа Миладиновци“, која СВП ја доделува за најдобра поетска книга од македонски автор меѓу две фестивалски изданија, годинава му припадна на Владимир Мартиновски за стихозбирката „Квартети: за читање, гледање, пеење и слушање“. |