Осигурителна полиса за спас од поплави од радијаторите
„Топлификација“ не ги признава штетите од внатрешни инсталации
Снежана Калабакова
„Откако ’Топлификација‘ го пушти парното ми се поплави целата покуќнина, а имам и други штети во станот, уништен е паркетот, ѕидовите се исфлекани и се' мириса на мувла. Се прашувам што треба да направам, кому да се обратам за да направи процена колкава штета треба да ми плати ’Топлификација‘“, прашува Мирјана Спирова од Скопје.
Таа не е единствената на која не и' е познато дека штетите настанати поради неисправни внатрешни инсталации во домот „Топ��ификација“ не ги признава. Границите на одговорност претпријатието ги има поделено и се смета одговорно само за надворешните инсталации. Оттаму велат дека корисниците треба сами да ги одржуваат внатрешните инсталации и како пример спомнуваат дека ЕВН не одговора за замена на прегорената сијалица во станот. Оттаму, „Топлификација“ не е одговорна за замената на старите вентили поради кои и доаѓа до хаварии во становите.
Обесштетување од ваков тип штети единствено можат да добијат оние што платиле домаќинско осигурување во некоја од осигурителните компании. Но, ваквата можност ја користат малкумина. Од осигурителните куќи велат дека граѓаните немаат навика да го осигураат својот дом секогаш, тргнувајќи од помислата дека ним не може да им се случи хаварија. За тоа не е оправдување ни нискиот стандард, бидејќи осигурувањето не е луксуз. Граѓаните го осигуруваат својот имот за што ќе платат незначителна сума пари во споредба со штетата што може да ја претрпат.
Пакетот основно домаќинско осигурување за стан од 60 квадратни метри чини од 2.500 до 6.000 денари за една година. Во него влегува поплавување на домот од пукнати водоводни цевки и од топлификациската мрежа, опожарување, кражба на покуќнина, одговорност од трети лица и кон трети лица. Ова се однесува на случаи кога штета ќе претрпи директно корисникот на полисата, но и ако поради него штета има соседот, на пример, ако водата од пукнатото парно навлезе во станот на соседот. Од осигурителните компании објаснуваат дека во пакетот на домаќинско осигурување влегуваат и трошоците за нужно сместување, кое обично се прави во вакви случаи кога поради поплавување на станот е невозможно да се живее во него, па станарите се сместуваат во друг стан или во хотел. Тогаш на корисникот му се надоместуваат трошоците во висина од 3 отсто од вредноста на објектот, станот, куќата или викендичката. Тоа значи дека ако станот се проценува на 60 илјади евра, тогаш осигурителната компанија ќе му плати сместување во висина од 1.800 евра.
Осигурителните компании на граѓаните им нудат различни можности за плаќање на ваквите пакети, на 12 месечни рати или плаќање со картички. За плаќање во готово нудат и попуст од 10 до 15 отсто. Вакви попусти има за обновување на пакетот по истекот на годината. Доколку корисниците на пакетот немале штета во годината што изминала, за наредната година можат да добијат попуст и до 15 отсто. |