Воените злосторства не застаруваат, но тешко одново да се отворат

Експертите се скептични околу можноста некоја идна влада повторно да ги отвори хашките предмети
Гордана Дувњак
Не е можна амнестија за случаи на тешки кршења на меѓународното хуманитарно право,бидејќи овие дела не застаруваат. На ова се' погласно укажуваат експертите, но и познавачите на кривичното право, кои се убедени дека со затворањето на четирите хашки случаи преку автентично толкување Македонија го суспендира начелото на владеење на правото. Сепак, експертите се скептични и околу можностите некоја идна влада повторно да ги отвори овие случаи, а уште помалку дека семејствата на жртвите ќе можат да ја задоволат правдата преку пресуда на меѓународен суд.
Коментарот на битолскиот адвокат Александар Прчевски, кој во времето додека беше државен јавен обвинител неколку пати одеше во Хаг и се среќаваше со тогашната хашка обвинителка Карла дел Понте, е дека се' ова што се случува е „политика и беспредметно е што било да се кажува“.
„На сите средби што тогаш ги имавме потенциравме дека сите пет преземени предмети треба да се процесуираат. Трибуналот немаше никакви забелешки во однос на квалификативите на делата и дека станува збор за најтешките форми на воени злосторства и за повреди на меѓународното хуманитарно право“, се потсетува Прчевски од оваа врем��нска дистанца. Тој вели дека не му е јасно зошто Трибуналот тогаш се определил да отвори само еден случај, а другите да ги врати назад.
Сепак, тој нема дилема дека Законот за амнестија е јасен и прецизен и оти точно е определено за кои кривични дела не може да се однесува. Признава дека Законот имал одредени слабости, па се случило при амнестирањето, кое опфатило над 1.400 лица, да бидат ослободени од гонење и лица што не направиле кривични дела што директно биле поврзани со воениот конфликт.
Поранешниот државен јавен обвинител е убеден дека тоа што три години четирите хашки предмети не биле процесуирани, а уште повеќе начинот на кој сега се сака да се затворат, е направено во договор со меѓународната заедница.
„Најверојатно, се проценило дека Македонија нема капацитет да се справи со овие предмети и оти тие претставуваат закана за меѓунационалните односи“, заклучува Прчевски и додава дека не верува оти некогаш повторно ќе бидат отворени овие предмети,бидејќи амнестијата го затвора ова досие дома, а тешко е да се отвори пред меѓународните судови.
Дека воените злосторства не застаруваат не се сомнева ни бившата судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска. Имајќи ја предвид богата практика на оваа институција, таа потсетува дека имало случаи и кога некои кривични дела, кои не постоеле како такви во некоја од државите, истите тие да бидат процесуирани пред овој Суд, затоа што биле дел од меѓународните конвенции и договори. Таков бил случајот со Германија.
Но, таа е резервирана околу можностите македонски граѓани да ја тужат Македонија за амнестирањето на оние што извршиле кривични дела против цивили.
„Тоа е долга и неизвесна процедура на докажување. Прво, околу рокот за поднесување тужба, кој е шест месеци по исцрпувањето на домашните правни средства. Веројатно, како критичен датум треба да се земе денот на стапувањето во сила на автентичното толкување“, објаснува Николовска.
Според неа, прилично проблематично е тоа што нема домашни пресуди за овој вид случаи за да може странките да се повикаат на нив и да тврдат дека постои повреда на Европската конвенција, во делот на необезбедувањето фер судење. Но, уште потешко и покомплицирано би било докажувањето, ако би се барала заштита на правото на живот.
И Хелсиншкиот комитет за човекови права вчера уште еднаш го потврди ставот дека во никој случај не може да има амнестија за случаи на тешко кршење на меѓународното хуманитарно право.
„На нашата јавност и' е скратена основната информација во врска со овие случаи – одговорот на прашањето: на каков начин и во каква фаза се вратени хашките предмети во Република Македонија? Официјален документ на Хашкиот трибунал со одговор на ова прашање се' уште не и' е предочен на јавноста. Наместо тоа, со политички договор е решено како ќе се постапува со овие случаи“,нагласуваат во оваа невладина организација.
Оттаму потенцираат дека е недозволиво и спротивно на начелото на владеење на правото и правната држава, особено имајќи го предвид фактот дека злосторствата против човештвото не може да застарат и материјата за нив е недвосмислено регулирана со меѓународното право.
Хелсиншкиот комитет апелира да се вложат сите напори случаите да добијат разрешница почитувајќи го меѓународното право и принципот на владеење на правото. |