Ненад Секирарски
Модната креативност е работа на кондиција
Тренд-сетингот е манифестација на космополитското живеење низ светските метрополи и носењето на елементите на трендот пред тоа да стане тренд. Никако не е самопрогласена карактеристика на некои што имаат можност за купување трендовски парчиња од новите колекции во почетокот на сезоната
Јасминка Павловска
Ненад Секирарски е еден од пионерите во Македонија, кој модниот стил го персонализираше со име и презиме. Со својот 17-годишен стаж како моден дизајнер, тој е еден од „трудбениците“, кој со својот труд придонесуваат Скопје колку толку да добие атрибути на метропола. Можеби не да биде центар на модата, како што се Париз или Милано, но барем да има дизајнерски автор, на кој македонските модно амбициозни проследувачи ќе можат да се повикаат. Или барем да можат да кажат: „Ова парче ми е од Секирарски“.
Неодамна работата на Ненад Секирарски беше препозната и наградена на белградскиот „Фешн селекшн“ со признанието за најдобра колекција.
Наградите се пријатна работата во животот, во секоја професија. Но, како еден моден дизајнер доживува награда во ��војата струка, како вие неодамна на „Фешн селекшн“ во Белград?
„Како и во секоја работа секогаш многу годи кога тоа што сте го создавале со сета своја љубов и посветеност ќе наиде на препознавање на вистински вткаените емоции и визии од страна на публиката. Уште ако е тоа согледано и од страна на стручно жири составено од модни новинари на голем дел од српските печатени и електронски медиуми, тогаш тоа е само уште една потврда дека насоката во која се изградувам, препознавам и творам е вистинската“.
Уште една работа што ја предизвикуваат признанијата - навраќање на спомените, на почетоците. Како Ненад Секирарски се најде во светот на модата?
„Моите почетоци во модата се врзани за Белград и мојот престој таму каде што работев од 1993 до 1997 година како дизајнер. Но, во тој период, кој беше многу необичен и тежок за таа земја јас бев млад и еден од многуте. Бев вклучен во модни проекти, но без континуитет во работењето и се разбира со почетно знаење, кое допрва требаше да се изградува. Но, страста и вербата во сопствените визии и неизмерна желба за работа ме движеа да бидам упорен и да барам пат кон сопствената професионална реализација“.
Колку е можно да се создаде моден бренд во Македонија? Всушност, поконкретно, сметате ли дека сиот свој моден труд што го имате вложено во текот на годините е доволен за да кажете дека имате свој моден бренд?
„Многу често кај нас термините се користат во многу поширок контекст или со можеби малку поместено значење. Доколку имате точно зацртана линија во развој на сопствениот бизнис, мислам дека создавањето препознатлив бренд е вистинскиот исход. Ова важи подеднакво и во модата. Зад мене стои 17-годишен труд и работа во изградба на себеси како професионалец во дизајнот, што е неизбежно за еден персонализиран моден бренд, како што е „моден дизајнер“. Соработката со голем број клиенти низ годините, кои во најголемиот број биле многу успешни, и, за жал, како и во секоја работа, извесен број и неуспешни, само е резултат дека моето професионално име е препознато и потврдено како бренд, затоа што таа потврда може да го даде само реалниот пазар“.
Која е мотивацијата за создавање колекции, а која за работа на индивидуални нарачки?
„Колекцијата ги презентира моите моментални размислувања и побуди што за мене, како самостоен моден дизајнер, значи создавање само по себе, кое може, но и не мора да биде во согласност со сезонските модни трендови како кај комерцијалните колекции. Оваа слобода на искажување на сопствените мисли е духовна храна за мене како личност, затоа што преку тоа се остварува мојата комуникација со публиката и со можните клиенти. Ова е неизбежно во модата, бидејќи таа навистина постои ако се сретнат тие две страни: дизајнерот преку дизајнот и клиентот преку дизајнот. Оваа комуникација најмногу е присутна кај индивидуалните нарачки, каде што преку соработката се создава нешто заедничко, а лично. Оваа енергија за мене и вистинскиот поттик во работата - лично чувствување радост и задоволство кај клиентот“.
Што е потешко: да бидеш моден дизајнер во Македонија или дизајнер од Македонија?
„Тешко е вистински да бидеш моден дизајнер што работи, се труди и создава, кој од сезона во сезона го изнесува во јавноста својот визуелен набој. Се разбира, некогаш поуспешно, но некогаш и не толку. Но ,она што е вистинското е да се има кондиција во креативноста за да може се' повеќе и поиндивидуално да се твори. За жал ,овие вредности повеќе се препознаени од индивидуалците во Македонија, кои или се обожаватели или клиенти натаму, отколку од професионалците во модата. Ова е причината, најчесто надвор од Македонија, да бидете третирани во вистинските рамки и вредности доколку ги имате“.
Неизбежно прашање - колку Македонките се модно освестени? Постои ли критична маса на тренд-сетери?
„Мојот дом е Македонија и не знам дали можам објективно да ги поставам работите. Освестеноста е резултат од начинот на живеење што се манифестира и во модата. Мислам дека се создаваат генерации на луѓе, кои своите широки погледи ги внесуваат и во облекувањето. Тренд-сетингот е манифестација на космополитското живеење по светските метрополи и носењето на елементите на трендот пред тоа да стане тренд. Никако не е самопрогласена карактеристика на некои што имаат можност за купување трендовски парчиња од новите колекции во почетокот на сезоната. За жал, кај нас има многу малку луѓе што се тоа“. |