И болните без грклан ќе зборуваат
Една протеза чини 300 евра, а засега државата не ги покрива трошоците
Јасмина Јовановска
И болните со оперирано грло кај нас ќе може да зборуваат. На Клиниката за уво, нос и грло, вчера на 60-годишен пациент, на кого поради рак на грлото му беше отстранет гркланот, му беше вградена протеза со која ќе може гласовно да комуницира со јавноста. Интервенцијата ја изведе хрватскиот лекар Драго Пргомет, директор на Универзитетската клиника за уво, нос и грло во Загреб, заедно со тимот македонски и хрватски лекари.
„Со хируршко вградување гласовна протеза, пациентите без грклан ќе може да го возобноват говорот на најсовремен светски начин“, потенцира д-р Николче Николовски, директор на Клиниката за уво, нос и грло.
Засега, клиниката ќе вградува гласовни протези кои се донација и се десет на број, но ќе се направат напори, во рамките на постојниот буџет, клиниката да почне и сама да ги набавува. На клиниката не знаат како ќе го направат тоа, посебно затоа што од ветувањата на државата дека ќе ги набави вештачките уши за осум деца засега нема ништо.
„Проблем е што протезите треба да се менуваат на шест-девет месеци, бидејќи тие стануваат нефункционални поради габични инфекции. Значи, еднаш годишно протезите ќе треба да се заменуваат со нови. Подготвени сме клиниката да ги набавува основните протези, а другите што ќе се заменуваат да ги обезбеди државата“, вели д-р Николовски. Во спротивно, методата може да пропадне како пред десет години, кога била вградена една протеза и тука завршила приказната.
„Државата мора да ја препознае вредноста на протезата, а не само дека е трошок, посебно поради социолошката добивка, а да не зборуваме за добивката на болниот“, укажува д-р Пргомет.
Една протеза чини 300 евра, а засега државата не ги покрива трошоците за неа. Формиран е и Клуб на пациенти со комплетно отстранет грклан „Моќен глас“, кој ќе треба да се избори менувањето на протезите да го покрива државата. „Бараме државата и нам да ни помогне и да бидеме граѓани како пред да не' оперираат, а на јавноста да и' покажеме дека и ние без грло може да комуницираме“, вели една пациентка.
На листата на кандидати за вградување ваква протеза се триесетина пациенти кои во просек не зборувале по шест-седум години. За изборот кои од нив ќе бидат оперирани со донираните протези, како што објасни логопедот гостин од Загреб, д-р Тамара Живковиќ, предвид се земаат здравствената состојба, интелектуалноста, мотивираноста, функционалноста на стомата, отворот на грлото преку кој дишат, како и возраста. |