Во Вардар уловена пастрмка од 3,5 килограми
ТЕТОВО - Младиот рибар од Тетово Љупчо Спасеновски вчераутро околу 7 часот од водите на Вардар во горното течение, под мостот на селото Стенче, извади редок примерок речна пастрмка долга половина метар и тешка 3,5 килограми. Рибата ја уловил со трска на мамец од икри од пастрмка. Рибарот Спасеновски тврди дека на местото на уловот реката била длабока околу четири метри.
„Водата е релативно чиста, со кислороден режим од втора класа. Се радувам на уловениот капиталец иако мој личен рекорд е 4,5 килограми. Бев во искушение и по дваесетина минути успеав да ја извлечам рибата, која беше борбена и не се предаваше лесно“, раскажува среќниот рибар.
Овој редок улов потврдува дека во Вардар има живот иако реката не е заштитена од загадувања. (Г.Е.)
|