За пушачи над 40 години редовна проверка на белите дробови
Пушачи на возраст над 40 години, кои имаат хронична кашлица, искашлување, замор и тешко дишење, треба да направат проверка на функцијата на белите дробови со спирометриско тестирање. Ова е апелот на пулмолозите упатен вчера по повод Светскиот ден за борбата против ХОББ под мотото „Измерете го здравјето на вашите бели дробови“.
Оваа тешка болест е четврта причина за смрт во светот, а се предвидува дека до 2020 година ќе го заземе третото место. Според СЗО, зафаќа околу 50 милиони луѓе и убива околу 3 милиони секоја година. Основен причинител на болеста е изложеноста на аерозагадувачи, а на прво место е активното и пасивното пушење. Според истражувањата, еден пушач, кој просечно пуши 20 цигари на ден, има за 25 проценти помалку очекуван живот од непушач, или 20 години помалку живот.
Според д-р Зоран Арсовски, годишно во светот од пушење умираат 4,9 милиони луѓе, во 2025 година се проценува дека нивната бројка ќе порасне на 10 милиони луѓе, 250 милиони денешни деца се смета дека веројатно ќе умрат од болести што се индицирани со консумација на тутун.
Во Македонија има над 100.000 луѓе болни од хронично опструктивна белодробна болест (ХОББ). Се проценува дека речиси половина од луѓето со симптоми на ХОББ не се свесни дека ја имаат оваа болест. Кога навремено ќе се открие, достапни се ефикасни третмани, кои можат да го подобрат квалитетот на нивниот живот и да го намалат оштетувањето на нивните бели дробови.
Како резултат на добрата организираност и лекување на болните во 13 регионални центри, има стагнација на појавата на оваа болест, а одличен потег, кој превентивно ќе дејствува е и забраната за пушење во ресторани и локали, истакна националниот координатор Ангелко Ѓорчев, по повод Светскиот ден на ХОББ. „Потребно ни е уште да се организира служба за домашна кислородна терапија за најтешко болните што е практика во многу развиени земји во светот, а која со сигурност покажува резултати“, рече Ѓорчев. (Ј.Ј.) |