Се бара кормилар за битолскиот Совет
Битола - Закочи работата на битолскиот Совет. Предвремените парламентарни избори ја фрлија во аут програмата на Советот. Се чека избор на нов претседател откако досегашната Лилјана Кузмановска седна во пратеничките клупи. Стравувањата се дека поради годишните одмори, изборот ќе потрае до крајот на летото. Додека советниците од ВМРО-ДПМНЕ предлагаат и се препираат кого да стават за кормилар на Советот, опозицијата обвинува дека истекле и последните рокови за реализација на голем дел од програмите на Советот. Во исто време опозициските советници обвинува дека изборот на претседател го кочи спроведување на третата фаза од процесот на децентрализација во Општина Битола - управувањето со градежното земјиште.
Во исчекување кој ќе седне на првото столче во битолскиот Совет, јавноста шпекулира дека тоа ќе биде повторно жена. За најсериозен кандидат се споменува името на советничката Силвана Ангелевска од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Ангелевска е доктор на науки и професор на Битолскиот универзитет. Но за прв човек на Советот се споменуваат и имињата на советниците Златко Милошевски и Илче Димовски.
Но, кој и да биде новиот претседател на Советот, ќе затече еден куп незавршена работа. „Ова што се случува со работата на Советот е проблем на ВМРО-ДПМНЕ. Извештаите за работата на јавните претпријатија власта ако сакаше, можеше да ги стави на дневен ред пред кампањата. Но, тогаш јавноста пред избори ќе видеше дека во дел од нив многу лошо се менаџира со парите на битолчани. Исто е и со претседател на Советот, власта можеше да го избере на првата седница по изборите“, вели Валентин Груевски, советник на ЛДП.
Дека работата е закочена, за дел од програмите и проектите на Советот признава и власта. „Изборите влијаеја врз работата на Советот. И дел од програмата не е завршена во рокот во која требаше да се направи тоа. Но, веруваме дека по 11 јули натаму Советот ќе свика седница и ќе се надминат некои работи“, вели Златко Милошевски, советник на ВМРО-ДПМНЕ.
Дел од новиот македонски парламент ќе бидат двајца советници од Битола. Покрај Кузмановска, пратенички мандат заработи и нејзиниот сопартиец Михајло Џолонга, директор на Клиничката болница. (А.Б.) |