Смрт пред телевизиски камери
Кусиот документарен филм за доброволна смрт на тешко болниот Крег Еверт ја подели земјата околу евтаназијата
Од нашиот дописник Томислав Ивановски
ЛОНДОН - Британската јавност, како и активистите за поддршка на „достоинствената смрт“ и нивните противници кои заговараат „битка со болеста до последниот момент“, одново се во силна полемика за и против евтаназијата откако британската Скај телевизија на својата програма го емитуваше кусиот документарен филм со наслов „Правото да се умре“, во кој е снимена доброволната смрт на еден неизлечливо болен Британец во контроверзната швајцарска болница „Дигнитис“ во Цирих.
Уште кога телевизиската станица соопшти дека и покрај приговорите на дел од јавноста, сепак, ќе го прикаже филмот на канадскиот режисер Џон Зарицки, се отвори расправата околу тоа дали гледачите треба да ги гледаат последните моменти од животот, „успивањето“, со помош на силна мешавина од препарати за смирување на база на барбитурати, пропишани од лекар и подготвени од еден пензиониран социјален работник, како и „конечното заспивање“ на човекот што ја одбра ваквата смрт наместо умирањето во маки. За многумина Британци премногу реално беше „шоуто за животот и смртта“ на еден измачен и очаен болен човек, кој знае дека не може да го избегне фаталниот крај поради болеста за која нема лек и за која ниеден лекар не може да му помогне.
На снимениот материјал, болниот Крег Еверт (59) од англискиот град Харогејт објаснува дека само негово е решението за самоубиство, помогнато од луѓето во „Дигнитис“ и во асистенција на неговата сопруга. Тој полека и тешко раскажува за болеста, за целата негова положба во која се наоѓа неколку години, за одлуката. „Ако не го направам ова, ќе морам да се измачувам и да ги измачувам луѓето околу себе, иако сите знаат дека не можам да се спасам“, вели Еверт, објаснувајќи дека разликата е во тоа што наместо во Цирих, во болнички услови, дома сето тоа ќе беше многу поболно за сите. Сопругата Мери Еверт, сега веќе вдовица, го оправдува ваквиот чекор на својот маж. Според неа, тој не бил изморен од животот, туку дека при соочувањето да избира меѓу смртта и измачувањето, ја одбрал смртта.
Со неа се согласува и авторот на снимениот документарен филм Зарицки, кој доби дозвола да го направи тоа и согласност материјалот да се прикаже на телевизија, го одобрува самоубиството на Крег, помогнато од лекарите во циришката клиника и смета дека „само луѓето може да судат и пресудуваат за себе и никој друг“. Така, меѓутоа, не мислат многумина кои се противат на евтаназијата и на самоубиството со помагање во болнички услови, како што тоа се прави во „Дигнитис“. Д-р Питер Сондерс од организацијата „Нега, а не убивање“, мисли дека прикажувањето на филмот е „глорифицирање на помошта при самоубиства и тоа се вклопува во кампањата за легализација на таквата практика и во Британија“.
Мајкл Венам, исто како и Крег, заболен од откажување на моторните неврони, вели дека тој не се предава и посочува на научникот Стивен Хоукинг, кој и' пркоси на болеста, активно занимавајќи се со наука. За д-р Роб Џорџ од организацијата која заговара издржување до крајот, смета дека смртта на Еверт е „варварски чин“ и инсистира на тоа дека „не е точно оти од оваа болест се умира во тешки маки“.
Случајот со ТВ-филмот и снименото самоубиство заврши во Долниот дом на британскиот Парламент, каде што Гордон Браун мораше да се изјаснува прв пат за една ТВ-емисија, инсистирајќи на тоа дека „станува збор за чувствителна работа која не смее да се третира сензационалистички“ и притоа се изјасни дека е против легализацијата на помагањето при самоубиство, како во случајот со Крег Еверт.
Основачот и директорот на „Дигнитис“, швајцарскиот правник Лудвиг Минели, иако мошне ретко дава изјави, овој пат за Скај телевизијата рече дека „достоинствената смрт е едно од човековите права“. Така или не, во Британија помагањето при самоубивањето е кривично дело и за тоа секој суд во земјата може да одреди казна и до 14 години затвор. Со таквата закана сега се соочува вдовицата на Еверт, која ја има поддржано одлуката на својот сопруг и самата јавно призна дека помагала тој да дојде до Цирих и да се подложи на „доброволното успивање“ во болнички услови.
Досега над 100 Британци го завршија својот живот во „Дигнитис“, но ниту еден од нивните блиски, од родителите или од сопругите и сопрузите кои ги придржуваа самоубијците или ги поддржуваа во одлуката не е обвинет или осуден. Последен таков случај беше во септември годинава кога Даниел Џемс, поранешен надежен рагбист, се повреди на тренинг, па на 23-годишна возраст се одлучи на „третманот“ во Цирих, поддржуван од своите татко и мајка. И обајцата родители беа уапсени и сослушувани, а по истрагата полицијата ги предаде на обвинителството, но таму не беше подигнато и обвинување, па нивниот случај заврши како и сите другите пред овој.
Пред еден месец, заболената од мултиплекс склероза Деби Парди (44), која се подготвува за патот без враќање во Цирих, побара да не се прогонува сопругот што треба да ја придружува на патот, но Вишиот суд во Лондон го одби нејзиното барање. Таа сега засилено лобира за измена на законот во Британија, донесен уште пред повеќе од 40 години и во тоа има не мал број поддржувачи. |