Пусто турско
Живко Богоески, Прилеп
Пред неколку дена патот ме одведе во Битола. Денот беше прекрасен, сончев и топол, па онака, имајќи повеќе време, заедно со еден мој познајник тргнавме на прошетка по убаво уредениот Широк сокак, се' до поранешниот Офицерски дом. Продолживме по шеталиштето и низ стариот и сега раскопан парк (веројатно е во фаза на уредување), стигнавме до старата железничка станица. Откако се освеживме со по една „ладна бира“, онака од љубопитност, поминавме низ објектот на старата железничка станица. На фасадата, свртена кон паркот, поставена е мермерна плоча со натпис , кој не' потсетува на штрајкот на железничарите, некаде во дваесеттите години од минатиот век, а на фасадата кон перонот, иста таква плоча на која буквално пишува дека е поставена како сеќавање на 1894 година, кога е свечено пуштена железничката пруга Битола - Солун, како делница на јадранската линија. Еј, во тогашно, турско време, тогашните власти имале визија и размислувале за изградба на јадранска линија, која би продолжувала кон Охрид, Елбасан, Тирана и Драч и би го поврзувала Јадранското со Егејското Море.
Таа линија, и покрај поминати 114 години, не е изградена, а на овие простори и пошироко се промениле многу режими и влади. Во меѓувреме, луѓето се спуштија на Месечината, а со пуштањето на хадронскиот колајдер започна процесот на демистификација на постанокот на универзумот, а овде кај нас статус кво. Еве и онаа т.н. трансверзала исток-запад е заглавена. Се зедоа кредити за нејзина изградба, се потрошија, никој не знае каде и на што, а воз не видовме и пругата никако да се заврши. Навистина, постојат конструкции на недовршени мостови во источна Македонија, кои лебдат во воздухот како сеништа, на кои се одмораат ластовички, чавки и други птици и ништо понатаму.
А постојано, онака низ муабет, ја употребуваме синтагмата пусто турско. |